Прогласена кризна состојба во енергетиката од 30 дена, нема рестрикции за граѓаните


Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, која што ќе трае 30 дена, соопшти денес на прес конференција Министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој нагласи дека кризната состојба е со цел да се вбризгаат средства во енергетските компании и да се зголеми нивната ликвидност, како и дека нема да има никакви рестриктивни мерки за граѓаните.

Тој појасни дека кон енергетските компании од Буџетот ќе бидат трансферирани околу 4 милијарди евра (околу 65 милиони евра) се со цел да може да се надминат сите ризици кои престојат во енергетскиот сектор и за редовно снабдување со струја.

Одлуката за кризната состојба е донесена врз основа на процената на Комисија дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Беџети рече дека на денешната седница на Владата не било разгледувано разрешувањето на првиот човек на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски. 

Тој рече дека ТЕЦ Осломеј се очекува во функција да се стави на 1 декември. 

Седницата на Владата ја водел премиерот Зоран Заев.

„Наша цел е да нема рестриктивни мерки и да нема големо зголемување на цената на електричната енергија по Нова година“, рече Бектеши додавајќи дека ќе има и други мерки како што е помошта за ранливите категории граѓани.

Запрашан дали ќе има одговорност за надлежните во енергетските компании, Бектеши рече дека според Законот за енергетика надлежноста врз енергетските компании е поделена, па така ЕСМ е под надлежност на Владата, МЕР е под Министерството за економија, а за МЕПСО е належно Министерството за транспорт и врски. 

Тој појасни дека Владата му препорачала на Управниот одбор на ЕСМ да направи сеопфатна анализа, односно извештај за работењето како за подружниците, вклучувајќи го тука и РЕК Битола, така и за дирекцијата, по што ќе се препорачаат соодветни мерки.

„Мое лично мислење е дека треба да има одговорност, но прво треба да се справуваме со енергетската криза, а потоа да се справуваме со конкретна одгвоорност“, рече Бектеши. (М.Ј.)