Професорката со светско влијание добива признание дома – УАКС ја прогласува Мојсов за почесен професор


Во рамки на свечениот настан по повод 20-годишниот јубилеј, Универзитетот Американ Колеџ Скопје најави повеќе настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината од постоењето на Универзитетот.

“На моја особена чест и задоволство би сакала да најавам дека по повод 20 години постоење, Универзитет Американ Колеџ ќе ја додели титулата Profesor Honoris Causa на проф. д-р Светлана Мојсов, која е светски призната биохемичарка, професорка на Рокфелер Универзитетот и член на Американската академија на науки, а која стои зад револуционерното откритие за лекување дијабет.” – истакна професор доктор Венера Крлиу на настанот.

Како што посочи таа, со оваа почесна титула за професор Светлана Мојсов, УАКС не само што оддава признание за нејзината исклучителна академска кариера, туку и на студентите на Американ им дава пример за интегритет, извонредност и за тоа како знаењето може да се стави во служба на човештвото.

Професор доктор Мојсов важи за една од највлијателните научнички со македонско потекло, со кариера која ја одбележува академска извонредност и интегритет и длабока посветеност на човековото здравје. Свечената церемонија на доделување ќе се одржи во текот на јубилејната година, како дел од иницијативата на УАКС да го одбележи своето наследство на извонредност преку истакнување на личности кои го претставуваат врвот на знаењето и хуманоста.

Во рамки на прославата, УАКС исто така ќе организира едукативен форум посветен на иднината на образованието во Македонија, на кој ќе земат учество голем број домашни и странски професори и високи претставници на институциите во земјата. Како што беше истакнато на настанот, со оглед на планираните гости и теми се очекува едукативниот форум да биде точка на пресврт од која ќе произлезат многу нови идеи важни за образованието во земјата.

“Секогаш сме биле предводници на новите идеи, така ќе биде и понатаму! Сите активности кои се планираат за јубилејот, пред сѐ ќе ги посветиме на нашите достигнувања, но воедно ќе го држиме погледот напред, кон нови успеси. Достигнувања, имавме навистина многу. Успеси, нѐ очекуваат уште повеќе.“ – посочи професор доктор  Венера Крлиу

На настанот проректорката Крлиу воедно ги информираше присутните дека од денес е активна и новата модерна и интерактивна веб-страница која е прилагодена на потребите на студентите и пошироката јавност, а е резултат на посветеноста на дигиталната трансформација, дел од визија за иднината на УАКС.