Професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска го помина првиот филтер за уставен судија

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Јадранка Дабовиќ-Анастасовска денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за нов член на Уставен суд, на предлог од владејачкото мнозинство.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека професорката има импозантна биографија со која треба да биде горда за целата своја измината работа, за печатот што го има оставено во областа на правото. Но, од друга страна прашаа зошто мнозинството и оваа власт сакала да го протне изборот набрзина, на мала врата за кандидат со богато CV коешто е опишано на 25 страни. Тие обвинија дека власта не се консултирала со нив како опозиција.
Според опозициските пратеници, и за неа имало финеси со политичка заднина, со нејзината претходна работа како советник во Град Скопје во периодот од 2005 до 2009 година од редовите на СДСМ и член на Управниот одбор на ФЗО. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека тие во континуитет бараат при одлучување за тоа кој кандидат ќе биде член на Уставниот суд во ситуацијава, кандидатите за уставни судии да бидат присутни на оваа Комисија на која пратениците ќе можат да ги слушнат нивните изглагања, нивните перспективи и визии за она што сметаат дека е клучно во реформите кои треба да се случат во областа на Уставниот суд и на надлежностите.
Освен Дабовиќ-Анастасовска, за нов член на Уставен суд предложени беа и професорите Родна Живковска и Саво Климовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и долгогодишниот судија и обвинител Тодор Витларов.
Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски, чиј мандат истече во јануари 2022 година.