Професорката Ана Павловска-Данева нов предлог за уставен судија


Познатата професорка по управно право на Правниот факултет, Ана Павловска-Данева, е новиот предлог на СДСМ за уставен судија. Овој предлог, кој е ставен на дневниот ред на денешната седница на собраниската Комисија за избори и именувања, доаѓа откако Владата се откажа од поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Неговата кандидатура беше ефикасно спречена од опозицијата со бескрајни дискусии и постојани продолжувања и одложувања на седниците.

Ана Павловска-Данева едно време беше дел од структурите од СДСМ, беше пратеник и потпретседател во времето кога Бранко Црвенковски се врати на чело на партијата по завршувањето на неговиот мандат како шеф на државата. По доаѓањето на Зоран Заев на чело на СДСМ Павловска-Данева се дистанцираше од партиските активности.

Таа важи за еден од најдобрите професори на Правниот факултет и луциден аналитичар за начинот на кој функционира администрацијата во државата. 

Пред еден месец уште една редовна професорка на Правниот факултет, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска беше избрана за уствна судијка. Поради нејзиниот углед во академската сфера изборот на Дабовиќ-Анастасовска помина мазно и брзо и во Комисијата за избори и именувања и на пленарната седница на Собранието.

Доколку помине предлогот за Ана Павловска-Данева Уставниот суд по долги месеци ќе биде конечно комплетиран. Но, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои до вчера го критикуваа Јовевски како кандидат и го блокираа неговиот избор повеќе од една година, денес го жалеа и критиките ги насочија кон  најновиот предлог на власта.

„Можеби немаме забелешка за професионалноста и квалитетот на професорката Павловска-Данева, но имаме забелешка за брзањето со изборот, зашто не е во ред вчера да се даде предлогот, а денеска да се бара да помине во комисијата Сепак, се бира уставен судија. Второ, имаме забелешка за партизацијата на Уставниот суд, Павловска-Данева пред 10-тина години беше потпретседател на СДСМ”, кажа пратеничката Ели Панова. Таа забележа дека не е во ред да се избере уставен судија во последните часови од заминувањето на Владата.

Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ рече: „без разлика ние што зборевме овде за Јовески, требаше СДСМ да каже два-три збора зошто го повлече вчера како предлог”. Тој побара гаранција, на пример дадена пред нотар, дека Ана Павловска-Данева нема ништо повеќе со СДСМ, иако Ана Павловска-Данева е еден од погласните критичари на владејачката коалиција СДСМ-ДУИ.