Проект за нов цевковод за вода во високата зона во Аеродром


Град Скопје соопшти дека е изработена инвестициско-техничката документација за проектот за нов цевковод за високата зона во Аеродром. Определена е оптимална и изводлива траса за реализација и во проектната документација е предвидена нова магистрална водоводна мрежа со профил од 300 мм, заради обезбедување втор довод на вода за високата зона во Општина Аеродром.

Со проектот се обезбедува резервен довод на вода до уличните мрежи во населбите каде што постои циркулациона дистрибутивна мрежа од високата зона, паралелна со дистрибутивната мрежа во ниската зона.

Според Град Скопје, со реализацијата на овој проект целосно ќе се надминат предизвиците со водоснабдувањето поради дефекти на постоечката мрежа.

 

– Изработена е инвестициско-техничка документација за проект наменет за високата зона во Аеродром. Градското јавно претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје, изработи проектно-техничка документација за нов цевковод за високата зона во Аеродром, наведува Град Скопје.