Продолжува намалувањето на цените во роаминг за земјите од Западен Балкан

Од денеска, цената за дојдовни повици во мобилна телефонија меѓу земјите во Западен Балкан дополнително се намалува и таа сега изнесува 1,5 денари, соопшти министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски. 

Во дописот до медиумите Манчевски вели дека земјите од Западен Балкан денеска одбележуваат една година од стапувањето на сила на договорот за намалување на цените во роаминг.

„Нашите граѓани изминатата година зборуваа, користеа интернет и праќаа СМС пораки за цени пониски и до 99 отсто. Конкретно, 5,04 денари за појдовни повици, 2,9 денари за дојдовни повици, СМС пораки се праќаат за 2,63 денари по порака, а цената на МБ интернет е 1,9 денари“, вели Манчевски. 

Согласно договорот, до јули 2021 година цените во роаминг целосно ќе се укинат. Ова е предусловот што Северна Македонија заедно со останатите пет држави од регионот го исполнува со цел воведување на „роаминг како дома“ и со земјите од Европската Унија. 

Инаку, како што додава Манчевски на денешниот состанок на министерите задолжени за дигитализација во регионот, Советот за регионална соработка и претставници од Европската Комисија, беше заклучено дека ќе се изработи мапа за следни чекори и рокови за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите од Европската Унија.