Продолжува бранот насилство во Шведска: Две пукотници и експлозија на бомба, тројца мртви


Шведска го забележа својот најголем број на смртни случаи од пукање овој месец од почетокот на евиденцијата во 2016 година. Две лица загинаа во одвоени престрелки синоќа, со што месечниот вкупен број се искачи на 11. Уште едно лице загина утрово по експлозија на бомба.

Земјата беше потресена од смртоносен бран престрелки и експлозии во последните недели. Се претпоставува дека повеќето од овие настани се поврзани со расколот во бандата Фокстрот. Во првото пукање синоќа, 18-годишен маж беше убиен на спортски терен во Малархојден, југозападно предградие на Стокхолм.

Околу полноќ уште еден маж е убиен во Јордбро, јужно од Стокхолм, а 25-годишна жена утрово почина во болница од повредите здобиени во експлозија на бомба во Сторврета, пред Упсала, универзитетски град северно од главниот град. Експлозијата во која беа оштетени пет куќи, полицијата ја третира како убиство. Шведските медиуми наведуваат дека жената која загинала најверојатно не била цел.

Завојуваните банди донесоа невиден бран на насилство
Три лица се приведени под сомнение дека учествувале во пукањето во Јордбро, а двајца се уапсени за експлозијата во Упсала, која била толку силна што биле оштетени фасадите на две куќи. Портпаролот на полицијата Магнус Јансон Кларин изјави дека полицијата работи на истрага и спречување на нови акти на насилство.

„Не е забавно утро за будење“, изјави тој за телевизијата SVT. Веќе неколку години во Шведска трае конфликт меѓу бандите кои се борат за трговија со оружје и дрога. За честа мета на напади се сметаат роднините на членовите на криминалните мрежи.

„Невозможно е да се следат сите. Има многу роднини. Знаеме дека некои луѓе заминаа и се преселија на сигурно, на нови адреси… Ситуацијата е многу напната“, нагласи Јансон Кларин. Шведската централно-десничарска влада ги заострува законите за да се справи со криминалот поврзан со банди.

Шефот на шведската полиција призна дека завојуваните банди донеле „невиден“ бран на насилство во земјата. Минатата година во Шведска се забележани 391 престрелка, а 62 биле фатални, додека во 2021 година од огнено оружје биле убиени 45 лица.