Продолжува бранот на корпоративни банкроти во Германија

Германските судови добија значително повеќе барања од компании за поведување стечајна постапка во септември, покажаа денес прелиминарните податоци од Федералниот завод за статистика.
Бројот на барања беше за 10,4 проценти поголем во септември отколку во истиот месец минатата година, објави Дестатис, забележувајќи дека пресметката ги вклучува само барањата за кои стечајниот суд веќе издал прва пресуда. Во август, нивниот број се зголеми за 11,6 проценти на годишно ниво.
Компаниите обично поднесуваат барање околу три месеци пред пресудата, а во јули, според конечните резултати, судовите регистрирале 2.197 стечаи на правни лица, што е за 13,4 проценти повеќе отколку во истиот месец минатата година.
Вкупната вредност на побарувањата на доверителите изнесуваше 3,7 милијарди евра во јули, во споредба со 3,2 милијарди евра во јули 2024 година, а компаниите во секторот за транспорт и складирање се во особено тешка позиција, според податоците за побарувањата.
Неколку кредитни агенции очекуваат бројот на банкроти во Германија во 2025 година да биде поголем од минатата година. Во целата 2024 година, судовите регистрирале вкупно 21.812 барања, според статистичкиот завод, што е за дури 22,4 проценти повеќе отколку во 2023 година и најмногу од 2015 година.
Аналитичарите забележуваат дека бранот банкроти бил очекуван бидејќи државата ја суспендирала поддршката поради пандемијата на коронавирусот. Високите цени на енергијата, бирократијата и политичката неизвесност, исто така, влијаеле врз компаниите во текот на две последователни години рецесија во најголемата европска економија, забележува новинската агенција ДПА.