Проблеми за српските туристи – не ги пуштаат ниту на Евзони, ниту на бугарско-грчката граница


Граничниот премин Богородица од денеска официјално е отворен само за транзит  на странци со што е забележано поголемо присуство на возила кои без проблем ја минуваат нашата граница, но се враќаат од страна на грчките и полициски царински службеници затоа што грчката копнена граница останува затворена за сообраќај до 30 јуни, изјавија за МИА од дежурната служба на ГП Богородица.

Од кај нас во Грција без проблем може да влезат само итни случаи со соодветни документи. За туристи официјално ќе биде дозволен влез од 1 јули.

Нашата Влада на завчерашната седница донесе Протокол за непречен транзит на странски државјани низ територијата на земјава. Со него се  утврдува дека државјаните на други држави кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија можат, до целосната либерализација на режимот за влез и излез во нашата држава, да ги користат  гранични премини: Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродром Скопје.

-Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамки на најмногу пет часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.

На бугарско-грчката граница на преминот Промахонас, пак, колона возила од околу 15 километри имаше кусо по отворањето јави грчката државна телевизија ЕРТ.

Конкретниот граничен премин од денеска е отворен, а најголемиот број возила, според ЕРТ, се од Бугарија и Романија, но и на Грци кои живеат во Германија, а не е мал бројот и на српски автомобили, на кои што не им е дозволен влез и се враќаат назад.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, за туристите од Србија, земја која спаѓа во групата трети земји, до 30 јуни е забранет влез во Грција од Бугарија, а истото важи и за Северна Македонија и Албанија.

Паралелно, на граничниот премин, од грчка страна има претставници на Националната организација за јавно здравје кои вршат тестови по случаен избор.

Иако граничниот премин требаше да се отвори точно напладне, според медиумите во Грција, поради гужвата и колоните возила, бил отворен порано, кусо по 11 часот.