Проблеми на американското раководство поради возраста: Еден „смрзна“ на прес-конференција, другиот одвреме навреме паѓа …


Необјаснивата тишина и зјапање „во празно“ на 81-годишниот лидер на републиканците во Сенатот Мич Меконел за време на прес-конференција во Конгресот е најновиот показател дека најмоќните позиции во Соединетите држави често ги заземаат политичари многу постари од оние во другите демократски земји, пренесе Хина.

Во средата, Меконел паузираше на средината на реченицата и молчеше следните дваесет секунди, а потоа беше однесен, за подоцна да се врати и да каже дека е добро.

Тоа беше последниот во серијата настани во кои водечките американски политичари покажуваат знаци на старост.

Американскиот претседател Џо Бајден, со 80 години, е најстариот американски лидер во историјата на земјата и е речиси две децении постар од средната возраст на другите светски лидери, објави „Пју Рисрч“.

Неговата напредна возраст ги поттикна дискусиите за тоа дали треба да се кандидира за втор мандат во Белата куќа. Бајден се сопна преку вреќа со песок на бината во јуни, падна качувајќи се на владин авион две години претходно, оди полека и често прави лапсуси.

Ако Американците на претстојните избори следната година сакаат некој помлад, нема да бидат среќни со Доналд Трамп, актуелниот миленик на републиканците, кој има 77 години. Анкетата на Ројтерс покажува дека мнозинството Американци мислат дека ниту еден од нив не треба да се кандидира за функција поради нивната возраст.

Но, сегашниот претседател на САД не е ниту во првите десет моментално најстари светски лидери, предводени од 89-годишниот претседател на Камерун, Пол Бија. На списокот е и 87-годишниот палестински претседател Махмуд Абас, кој исто така често е повикан од екстремно младата популација на Палестина да се повлече поради неговата возраст.

Од друга страна, Бајден е помлад од некои членови на Конгресот. Републиканскиот сенатор Чак Грасли од Ајова има 89 години, демократската сенаторка Дајан Фајнстен од Калифорнија има 89 години, а сенаторот Берни Сандерс од Вермонт има 81 година.

Повеќето конгресмени се во седумдесеттите години, а средната возраст на сенаторите е 65,3 години, во споредба со просечната американска возраст од 38,8 години.