Приведени турски новинари поради наводна шпионажа


Турција – Турската полиција денеска приведе двајца новинари заради испрашување како дел од истрагата за наводна политичка и воена шпионажа, јави државната новинска агенција Анадолија.

Полицијата за борба против тероризмот ги приведе и сослуша Исмаил Дукел од ТВ каналот ТЕЛЕ1 и Мујесер Јилдиз од веб-порталот ОдаТВ.

На порталот ОдаТВ се посочува дека новинарката Јилдиз, која известувала за воени прашања, била уапсена откако полицијата извршила рација во нејзиниот стан, извршила претрес и запленила одредени материјали.

Минатиот месец, властите обвинија седум новинари, меѓу кои и двајца уредници на „ОдаТВ“, за кршење на законот за работа на разузнавачки агенции, конкретно за известувањето за смрт на разузнавач, наводно убиен во Либија. На новинарите ќе им се суди овој месец.