Приведени се 343 лица во насилните протести во Турција (видео)

Демонстрации се одржаа во десетина градови во Турција, вклучувајќи ги Истанбул и престолнината Анкара.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека приведувањата се направени за да се спречат „нарушувања на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да толерираат „хаос и провокации“.
Десетици илјади Турци учествуваат во главно мирни протести од средата, кога Имамоглу беше приведен под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, заедно со уште 103 други осомничени.
Имамоглу се смета и за сигурен кандидат на главната опозициска Народна републиканска партија (НРП) за претседателските избори во 2028 година.
НРП негираше какви било злоупотреби од Имамоглу и го оцени случајот како политички мотивиран, повикувајќи на мирни протести и покрај забраната на властите за одржување јавни собири.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја и министерот за правда Јилмаз Тунч го осудија повикот за протести и го опишаа како „неодговорен“. Јерликаја ги обвини демонстрантите дека сакаат да „го нарушат јавниот ред и да предизвикаат хаос“.
Имамоглу, пак, ги пофали протестите за кои рече дека се насочени кон заштита на „демократијата“. Се очекува тој денеска да даде исказ во полицијата во Истанбул каде што е задржан од средата, а потоа да биде изведен пред суд.
Ако Имамоглу биде осуден за тероризам, турскиот закон им дозволува на властите да го заменат на градоналничкото место со свој функционер.