Приведени 76 лица поради непочитување на забраната за движење


Фото: Б. Грданоски

Осумдесет и осум лица не ја почитувале забраната за движење во текот на изминатото деноноќие за периодот 26 и 27 април, при што приведени се 76 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, според статистичките податоци за изминатото деноноќие на 186 лица им се издадени решенија за изолација, а 77 лица потпишале изјави за самоизолација.

Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација, не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе 31 предлог за издавање казнени налози со кои се опфатени вкупно 34 лица обвинети за кривичното дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти денеска Обвинителството, обвинетите не ја почитувале одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на државата и за време на полицискиот час биле затекнати надвор од нивните домови без да поседуваат соодветни дозволи за движење.

Надлежните јавни обвинители на Основниот кривичен суд Скопје му предложиле за секој од обвинетите да изрече паричнa казнa во висина од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност

За време на вчерашната и синоќешната забрана за движење на подрачјето на СВР-Струмица, седум лица не ја почитувале забраната за движење, информираат од овој Сектор.

-Приведени се две лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки, стои во информацијата од СВР Струмица.

Од страна на полициски службеници извршени се и контроли кај лица во изолација и самоизолација и притоа не било констатирано непочитувања на мерката.

Инаку, во последните денови значително е намален бројот на граѓаните кои не ја почитуваат забраната за движење во споредба со порано.