Приведен управителот на барот „Мош“, вчера инспекторатот спровел 100 контроли


Денеска околу 00:30 часот од страна на полициски службеници приведено е лицето М.Д. (41) од Скопје, кое е задржано во ПС Центар. Лицето е приведено поради постоење основано сомнение дека, како одговорно лице, управител на ланч бар „Мош“ (улица „Дебарца“ во Скопје), сторил кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ.

Лицето М.Д., како што соопшти владината Прес-служба, не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија. Конкретно, организирал музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи.

Претходната вечер (03.10), поврзано со истиот угостителски објект, на барање и во координација со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), полициски службеници во 19:30 часот, беа во  ланч барот „Мош“ при што на одговорното лице М.Д. од страна на пазарните инспектори му беше укажано да ги почитува мерките од Уредбата на Владата на РСМ во врска со пандемијата на Ковид-19, особено по однос на задолжителното физичко растојание на масите и носењето заштитни маски, стои во соопштението.

Потоа во периодот од 21:00 до 23:00 часот повторно е извршена контрола на угостителскиот објект, при што се констатирани неправилности. Притоа, полициските службеници издадоа 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар. Воедно, во истиот угостителски објект, околу 22:30 часот од страна на полицијата повикани се и претставници на Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар и извршено било мерење на бучавата во локалот. Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина.

Паралелно, Државниот пазарен инспекторат во текот на вчерашниот ден (сабота), спроведе над 100 контроли низ целата држава. Притоа, кај 19 субјекти се изречени казни за непочитување на здравствените протоколи и други прекршоци во надлежност на ДПИ и 4 за непочитување на работно време. Конкретно, 7 субјекти организирале свадби во Струга (1), Тетово (2) и Скопје (4).  Кај осум субјекти е констатирано непочитување на здравствените протоколи, односно во Струмица (2), Скопје (5) и Битола(1). За субјектите кои ги прекршиле здравствените протоколи и организирале свадби, ќе бидат поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство.

Во текот на вчерашниот ден кај 4 субјекти, ДПИ констатирал пречекорување на работното време, односно во Скопје (2), Прилеп(1) и Битола (1). За овие субјекти ќе бидат изречени прекршочни пријави, ќе бидат издадени платни налози за парична казна и решение за затворање на објектите од 10 до 30 дена во зависност од пречекорувањето на работното време.

Државниот пазарен инспекторат ќе продолжи со засилени контроли во текот на денешниот ден и во следниот период, се додава во соопштението на владината прес-служба.