Приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми
Единицата за економски криминал при СВР Скопје денес го приведе директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и одзеде дополнителна документација поврзана со постапувањето на претпријатието. Според првичните информации, лишени од слобода се две лица, а по комплетирање на материјалите се очекува поднесување кривична пријава до обвинителството.
Приведувањето следи по повеќемесечни контроверзии околу управувањето со јавната чистота во главниот град и институционалните реакции на надлежните служби. Рустеми е на функцијата од 29 јануари 2025 година. Претходно ја извршуваше функцијата директор на Јавното комунално претпријатие „Сарај“од 2017 до 2021 година, а потоа во соработката со Арсовска од 2023 до 2024 помошник-директор на ЈП „Паркови и зеленило“-Скопје.
Надлежните засега не соопштуваат детали за кривичната основа, ниту за временската рамка на понатамошните постапки. Додека трае постапката, градските служби уверуваат дека комуналните активности продолжуваат без прекин.
ЈОРСМ: Две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ приведени за загрозување на животната средина и природата со отпад
Јавното обвинителство денеска соопшти дека се приведени и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик.
– По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници преземаат дејствија за обезбедување докази. Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за Загрозување на животната средина и природата со отпад, наведуваат од Обвинителството.
Медиумите попладнево објавуваат дека меѓу приведените е директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми. Засега полицијата и обвинителството официјално не ја потврдуваат оваа информација.
Истрагата за работата во ЈП „Комунална хигиена“ започна откако во Градот Скопје подолго време не се собираше сметот што доведе и до воведување мерки од страна на здравствените власти.