Притвор за Косовецот кој беше фатен во Кондово со бомби, пушки и ракетен фрлач
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 37-годишен државјанин на Косово со престојувалиште во Кондово, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што информира Обвинителството, на 18 јуни при претрес во објектот во кој престојувал, полицијата открила поголемо количество огнено оружје и муниција, вклучувајќи и оружје, муниција и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети. Така, кај него бил пронајден рачен ракетен фрлач “РБР 64mm, M80”, кој преставува бесповлечно противоклопно ракетно средство за еднократна употреба познат како “ЗОЉА” од југословенско производство, како и три рачни бомби, од кои две фрагментирачки рачни бомби од типот “RGD-5” и една дефанзивна рачна бомба од типот “F1” од кинеско или од источноевропско производство.
– Освен ова, полициските службеници пронашле и еден пиштол за светлосно звучна сигнализација „BLOW AUTOMATIC F92“ кал.9mm, еден дел од пиштол – рам од оружје за светлоснo-звучна сигнализација, четири шаржери од кои три со по 30 куршуми, а еден со 20 куршуми со кал.7,62х39mm, 6 патрони од ловна муниција со кал.12 од разни производители, наменета за испалување од ловни огнени оружја, како и уште вкупно 164 куршуми од различен калибар, вклучувајќи и боева муниција, муниција изведена со панцирно пробивни, запалливи и трасирачки проектили и муниција изведена со експандирачки проектили, соопшти Обвинителството.
Бидејќи постои опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.