Припадници на Националната гарда, кои учествуваа во сузбивање протести, позитивни на Ковид-19


Припадници на Националната гарда на округот Колумбија, кои одговорија на протестите за смртта на Џорџ Флојд, се позитивни на новиот коронавирус, потврди портпаролот на Гардата.

Околу 1.300 припадници на Националната гарда беа распоредени во округот, откако главниот град на САД беше погоден од насилни протести на 31 мај. Портпаролот на Гардата не откри колку позитивни случаи има единицата.

– Можеме да потврдиме дека имавме позитивни тестови на Ковид-19, рече портпаролката, полковник Брук Дејвис.

– Безбедноста на нашиот персонал е секогаш важна, особено соочени со ерата на Ковид-19.

Националната гарда на Дистриктот Колоумбија беше поддржана од приближно 3.900 дополнителни гардисти од Флорида, Ајдахо, Индијана, Мериленд, Мисури, Мисисипи, Њу Џерси, Охајо, Јужна Каролина, Тенеси и Јута.

Речиси сите единици на Националната гарда се очекува да го напуштат градот до утре, но членовите кои се позитивни на новиот коронавирус ќе бидат задржани се додека не оздрават.

Вкупниот број на заразени со коронавирус во САД надмина два милиони, а 14 држави и Порторико се соочуваат со рекордно зголемување на случаите во последните седум дена.

Иако некои држави велат дека тоа е поврзано со зголемувањето на бројот на тестирани, многу од нив, како Алјаска, Аризона, Тексас, Калифорнија, Флорида, Кентаки, Ново Мексико, Северна Каролина, Тексас, беа меѓу првите што ги ублажија мерките за физичко дистанцирање.

Во Јужна Каролина, која забележа еден рекорден број нови случаи во текот на вчерашниот ден, отворени се спортски сали, ресторани и салони, пренесува Би Би Си.

Во неделата, во Флорида, повеќе од 1.000 нови случаи на Ковид-19 беа регистрирани петти ден по ред, додека Аризона се соочува со огромно зголемување на новозаразените.