Принцот Хари по изјавата на Трамп: Изгубив пријатели во Авганистан
Принцот Хари порача дека за жртвите на британските војници кои служеле и загинале во Авганистан мора да се зборува вистинито и со почит, реагирајќи на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп дека сојузниците од НАТО се држеле настрана од првите линии на војната.
Самиот Хари служел во Авганистан како член на Воздухопловниот корпус на британската армија. Тој беше копилот и стрелец на борбен хеликоптер и заврши две борбени мисии во Авганистан.
Во изјавата во врска со коментарите на Трамп за улогата на сојузниците во НАТО, тој потсети дека во 2001 година, НАТО го активираше членот 5 за прв и единствен пат во историјата, што значеше дека сите сојузници се обврзани да застанат покрај САД во Авганистан заради заедничката безбедност.
„Сојузниците одговорија на тој повик. И јас служев таму. Таму стекнав доживотни пријатели. И таму изгубив пријатели. Обединетото Кралство загуби 457 членови на вооружените сили“, изјави Хари.
Тој додаде дека илјадници животи се сменети засекогаш, дека родителите ги закопале синовите и ќерките, децата останале без родители, а семејствата го носат трајниот товар на овие загуби. „Овие жртви заслужуваат за нив да се зборува вистина и со почит, додека ние остануваме обединети и лојални на одбраната на демократијата и мирот“, рече тој.
Хари беше тајно испратен во Авганистан за прв пат на почетокот на 2008 година, каде што помина десет недели, но мисијата беше прекината откако странските медиуми ја открија неговата локација, поради што тој мораше порано да се врати дома.
Вториот пат беше испратен во Авганистан во септември 2012 година, кога служеше како копилот и стрелец на борбениот хеликоптер Апачи. Во својата книга, Хари откри дека убил 25 талибанци за време на службата и дека не ги сметал за „луѓе“ туку за „шаховски фигури“ кои биле отстранети од таблата. „Не ме исполни со задоволство, но и не се срамев“, напиша тој.