Приказната за судството веќе стана банална


ФРОСИНА ФАКОВА- СЕРАФИНОВИЌ

Еден ден пред предизборниот молк, „Илија Громовник“ нè врати пред неколку години, распука неколку „бомби“ со сочни озборувања и пцости, кои уште еднаш нè потсетија на главните протагонисти од минатите „бомби“, ама ни покажаа дека не биле безгрешни ниту оние што ревносно се бореа против таа власт. И додека во минатите јавно објавени разговори го слушавме судијата Јово Вангеловски како се договара со поранешниот министер Миле Јанакиески, а СЈО тврдеше дека не е чист, изненадувачки Вангеловски не ѝ се допаѓал ниту на минатата власт.

Новите „бомби“ ни направија една ретроспектива кој настрада од старите и дали се докажа некаков криминал. Премиерот Зоран Заев, кога беше опозициски лидер, велеше дека ќе ја растресе Македонија наопаку, ќе го распушти судството и ќе се направи реизбор на судиите. Им се закани на оние што суделе по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ и кои ги кршеле законите. И сега по повеќе од две години од тие најави, на сите тие судии што ги слушавме во „бомбите“ влакно не им фали. Нивното утврдување на одговорност влезе во празен од. Сите институции ги гонат, ама ниту една не наоѓа докази со кои ќе потврди и на јавноста ќе ѝ докаже дека оние што се огрешиле од законот ќе одговараат.

Судијата Јово Вангеловски е претседател на највисокиот суд, некогаш оди во Обвинителството да даде исказ за скандалозниот АКМИС, односно за обвинувањата дека делел предмети на рака и толку. Токму тој ја решава судбината на Специјалното јавно обвинителство. Претседателот на Судскиот совет среќно го заврши својот мандат и си останува член на Судскиот совет со запечатен став дека во судовите нема политички влијанија. Неговата колешка, Александра Зафировска, си го доврши мандатот како член во Судскиот совет, а таму ја замени нејзиниот зет за сестра. Судијката Софија Лаличиќ си суди во Кривичниот суд и не испушта прилика да ја покаже својата транспарентност пред новинарите.

И сега никој не е виновен за она што Специјалното јавно обвинителство во извештај ги наведе нивните договарања со власта откако изминале сите рокови за да се испитува одговорноста пред Судскиот совет, а докази за кривична одговорност пред Обвинителството нема. Судиите што ги судат предметите на Специјалното јавно обвинителство случајно ги ставија на пауза предметите кои треба да покажат дека има волја да се расчисти со сомнежите за криминал на претходната власт и истражните органи да се фатат со евентуалниот криминал на сегашната власт. Случајот „Талир“ за нелегалното финансирање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со месеци не почнува, одбраната ги искористи сите правни можности за да го одложи судењето, чија судбина ќе се знае по претседателските избори, кога и конечно треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство. По изборите ќе продолжи и „Монструм“, бидејќи судијата токму во овој период е на службено патување.

Во меѓувреме, партиите продолжуваат да ловат политички поени за тоа кој сака, а кој не сака да се реши статусот на обвинителството. Поглавјето за судството е токму она што Европа прво ќе го отвори, а последно ќе го затвори. Во ова поглавје политичките партии треба конечно да покажат дали земјава сака да има орган кој ќе го расчисти криминалот на старата и ќе се зафати со актуелната власт, орган кој не е олицетворение на Катица Јанева, туку ефикасен орган кој ќе ги брка криминалците и од власта и од опозицијата. Но за да почне гонењето на новите, треба да расчистиме со старите, да докажеме кој прислушувал илјадници граѓани и кој немилосрдно ја искористувал моќта и ја направил државата сопственост на неколкумина.

Упадот во Собранието, кој беше увертира во менувањето на власта во Македонија, стана увертира и во амнестирањето. Судот осуди дел од оние што тепаа новинари и пратеници, но власта ги амнестираше оние што им ги отворија вратите. Организаторот на сето ова уште чекаме да ни каже како избегал во Будимпешта. А и самата обвинителка не очекува наскоро да седне пред неа. Осудените се надеваат претседателот во заминување да ги аболира и така да има правда за сите. Никој да не одговара за крвавиот упад и Заев да ја искористи крвта на својата глава за да го обезбеди мнозинството и да ги истурка законите што Европа ги бара од нас.