Пригожин најави дека „Вагнер“ ќе го зголеми присуството во Африка


Вагнер е подготвен да го зголеми своето присуство во Африка, изјави лидерот на руската платеничка група Евгениј Пригожин. Групата ја напушти Украина минатиот месец, каде им помагаше на руските војници во нивната инвазија на соседната земја.

– Ние не го намалуваме нашето присуство, згора на тоа, подготвени сме да ги зајакнеме нашите различни контингенти“, рече тој за камерунската Afrique Media.

Телефонското интервју беше објавено на Јутјуб, но Ројтерс не можеше да ја потврди автентичноста на аудио снимката, но под францускиот превод се слуша глас кој звучи како на Пригожин.

Во интервјуто тој рече дека Вагнер ги исполнува сите обврски на континентот и дека е подготвен дополнително да ги развива односите со африканските земји. Борејќи се на страната на Русија, Вагнер учествуваше во некои од најкрвавите конфликти во украинската војна.

Сепак, оваа идна улога беше доведена во прашање кога Пригожин започна краток бунт против Кремљ, по што се пресели во Белорусија, каде што некои од борците почнаа да ги обучуваат белоруските сили.

Меѓутоа, оваа недела тој беше фотографиран во Санкт Петербург за време на руско-африканскиот самит, чиј домаќин беше рускиот претседател Владимир Путин.

Пригожин потврди за Afrique Media дека новата ротација на силите на Вагнер неодамна пристигнала во Централноафриканската Република пред уставниот референдум на 30 јули, кој би можел да го продолжи мандатот на претседателот Фаустин-Арчанж Туадера.