Приговорите на обвинетите од случајот „Моќник“ се одбиени


Советот за оценка на обвинителениот акт поднесен од Основно јавно обвинителство, а во јавноста познат како „Моќник“ против 13 лица вклучувајќи ги и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и татко му, донесе решение со кое приговорите на обвинетите се одбиваат како неосновани, соопштија од Кривичен суд.

„Предметот кој е оформен по одобрениот обвинителниот акт согласно АКМИС – системот ќе биде распределен кај судија за понатамошно судење и по насрочување на главната расправа странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“, додаваат од судот.

Обвинението го поднесе Скопското обвинителство кое презеде голем дел од истрагите на поранешното СЈО, по истрагата која ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи. Поднесен е и обвинителен предлог против 10 лица за истиот предмет. Сите 13-мина се товарат за вмешаност во нелегална продажба на објект во село Ижишта (Општина Македонски Брод), кој го користела општина Пласница.

Двајца од обвинетите се обвинети дека сториле Измама, а третообвинетиот Милошоски Измама и Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 од Кривичниот законик, каде најниската казна е 5 години затвор. Со Обвинителниот предлог опфатените 10 лица се товарат дека сториле едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2.