При секоја реконструкција ќе мора да се применуваат енергетски најефикасни решенија: законските измени го поминаа првиот собраниски филтер


Долгорочна стратегија до 2050 година за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради (објекти) кои би требало да достигнат ниво од речиси нула потрошувачка на енергија и обврска – секоја година да се реновираат најмалку три проценти од вкупната подна површина на јавните објекти што не ги исполнуваат минималните критериуми за енергетска ефикасност, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност што денеска го поминаа првото читање на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

Како што истакна заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, со измените се воведува начелото „енергетската ефикасност на прво место“ како задолжителен водич при носењето одлуки за одредени политики и инвестиции во јавниот сектор, кај енергетските компании и потрошувачите. Тоа значи, објасни Лабудовиќ, дека при секоја инвестиција и реконструкција прво ќе мора да бидат разгледувани и применувани енергетски најефикасните решенија.

Со Предлог-законот се врши и усогласување со директивите на ЕУ.

-Предвидената стратегија ја отвора вратата за големи инвестиции во термичка изолација, енергетски ефикасни прозори, фасади, системи за греење и ладење, како и обвновливи извори на енергија: соларни панели, фотоволтаици, геотермални системи,…, а тројно зголемената обврска за реконструкција на јавните згради на државно ниво ќе резултира со помали сметки, подобри услови за работа и зголемено анагажирање на домашната градежна индустрија, подвлече заменик-министерот, образложувајќи го предложенит текст.

Според Лабудовиќ, законските измени предвидуваат и задолжително вградување сончеви колектори – секоја новоизградена или реконструирана јавна зграда, вклучувајќи училишта, градинки и институции, ќе мора да вградува системи за соларна топла вода. 

-Изминатите години Македонија се соочи со нестабилни цени на енергенси, недоволна искористеност на домашните реусрси, загаден воздух и емисија на јаглерод диоксид, недоволна примена на обновливи извори на енергија и зелени техологии. ЕУ директивите, но и домашните цели за климатска неутралност ни наложија конкретни мерки, рокови и одговорност, рече Лабудовиќ.

Предложениот закон, како што е наведено во текстот, го доуредува правниот основ за донесување уредба со која ќе се определат севкупните цели и придонеси за енергетска ефикасност, ја олеснува изработката на програми за енергетска ефикасност од страна на општините, го доуредува правниот основ за донесување уредба за моделите на договорите за енергетски услуги кои се користат при договарањето енергетски услуги со што ќе се овозможи побрз развој на пазарот на енергетски услуги преку предвидувањето и изработувањето на два модел-договора за енергетски услуги кои се користат при договарањето на енергетски услуги (договор за енергетски услуги за загарантирани заштеди и договор за заеднички финансиски заштеди) и ја транспонира Директивата 2009/33/EU за промоција на чисти и енергетски ефикасни возила за патен транспорт од страна на лицата од јавниот сектор со што во иднина при нивната набавка ќе треба да бидат дефинирани очекуваните енергетски и еколошки влијанија за време на оперативниот период на овие возила низ параметрите кои ќе ги вклучуваат потрошувачката на енергија, како и емисијата на јаглерод диоксид и другите стакленички гасови.

Предлог-законот денеска помина и на собраниската Комисија за европски прашања.