При крај новиот објект на градинката „Изворче“ во Стар Аеродром – ќе ја посетуваат уште 200 деца
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески сподели дека денеска заедно со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршиле увид во завршната фаза од изградбата на новиот објект „Изворче“ во Стар Аеродром, во рамките на детската градинка „Срничка“.
Станува збор за капитален проект од огромно значење за овој дел од општината, каде што живеат многу млади семејства. Со доградбата и надградбата на објектот изграден во 70-тите години, преку ново приземје и еден кат со површина од околу 1.600 метри квадратни, Митески вели дека создаваат простор што носи сигурност за родителите и топол, безбеден почеток за најмалите.
Проектот, како што посочи, е вреден околу 120 милиони денари и е заедничка инвестиција на Владата и Општината.
Со новиот простор ќе се овозможи згрижување на дополнително над 200 деца, со што значително ќе се намалат долгите листи за упис. Новиот објект ќе располага со 12 современи занимални и сите неопходни содржини, обезбедувајќи современи услови за правилен раст, развој и безгрижно детство.
Градоначалникот, во објавата на Фејсбук истакна дека Министерството за социјална политика, демографија и млади во наредниот период ќе ја обезбеди комплетната потребна опрема, по што „Изворче“ ќе биде целосно подготвено и пуштено во употреба.
„Општина Аеродром продолжува посветено да инвестира во иднината – затоа што секоја детска насмевка е најголемата вредност на нашата заедница!“, порача тој.