Преживеаниот од несреќата на „Ер Индија“ во која загинаа 241 лице: „Не разговарам со никого“
Единствениот преживеан од авионската несреќа на „Ер Индија“ во која загинаа 241 лице изјави дека се чувствува како „најсреќниот човек на светот“, но е во силна физичка и ментална болка.
Вишвашкумар Рамеш, од кого се појавија неверојатни снимки како се оддалечува од местото на несреќата на летот до Лондон во Ахмедабад, го опиша своето преживување како „чудо“.
Сепак, во несреќата што се случи во јуни, тој изгуби сè, вклучително и неговиот помлад брат Аџај, кој седеше само неколку реда подалеку, пишува Би-би-си. Авионот„боинг 787“ се урна кратко по полетувањето од западна Индија, по што беше зафатен од пламен. Снимките што потоа станаа вирални го прикажуваа Рамеш како се оддалечува од местото на несреќата, навидум само со мали повреди, додека зад него се извишува густ чад.
„Го изгубив брат ми, мојот ‘рбет“
Во емотивно интервју за BBC News, Рамеш рече на својот мајчин гуџаратски јазик: „Јас сум единствениот преживеан. Сè уште не можам да поверувам. Тоа е чудо.“ „И јас го изгубив брат ми. Брат ми беше мојот ‘рбет. Тој секогаш ме поддржуваше во последните неколку години“, додаде тој скршено.
Трагедијата, како што вели, му го уништи семејниот живот. „Сега сум сам. Само седам сам во мојата соба, не разговарам со сопругата, со синот. Само сакам да бидам сам во мојата куќа“, се довери Рамеш.
🚨 Ramesh Vishwakumar, the only known survivor of the Air India crash in Ahmedabad, managed to escape by leaping from the aircraft. He was seated in 11A at the time of the incident.
Recalling the harrowing moments, Ramesh said, “The plane went down just 30 seconds after takeoff. pic.twitter.com/LfDSLfDiko
— Weather Monitor (@WeatherMonitors) June 12, 2025
Веднаш по несреќата, додека се опоравувал во болница во Индија, тој опишал како успеал да се ослободи и да се извлече од авионот во пламен. Таму го посетил и индискиот премиер Нарендра Моди. Покрај патниците и екипажот, во несреќата загинале и 19 лица на земја. Меѓу жртвите во авионот имало 169 индиски и 52 британски државјани.
Во прелиминарниот извештај на Одделот за истрага на воздушни несреќи на Индија, објавен во јули, се вели дека снабдувањето со гориво до моторите било прекинато само неколку секунди по полетувањето. Истрагата е сè уште во тек.
„Секој ден е болен за целото семејство“
Ова е прв пат 39-годишникот да разговара со медиумите откако се вратил во својот дом во Лестер, Велика Британија. Придружуван од локалниот водач на заедницата Санџив Пател и портпаролот Рад Зајгер, Рамеш рече дека е премногу болно да се сети на деталите од катастрофата и се расплака неколку пати за време на интервјуто.
„Физички, ментално, исто така и моето семејство, ментално… мајка ми седи пред вратата секој ден во последните четири месеци, не зборува, ништо“, ја опиша маката низ која минуваат. „Не зборувам со никој друг. Не сакам да зборувам со никој друг. Не можам многу да зборувам. Мислам дека цела ноќ, страдам ментално. Секој ден е болен за целото семејство“, рече тој.

Покрај психолошките последици, Рамеш трпи и тешки физички последици. Тој избегал од своето седиште – 11А – низ дупка во трупот на авионот, а денес страда од болки во ногата, рамото, коленото и грбот. Поради повредите, тој не може ниту да работи ниту да вози. „Кога одам, не одам правилно, полека, полека, сопругата ми помага“, додаде тој.
Обвинувања против авиокомпанијата
Неговите советници велат дека му е дијагностицирано посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) во Индија, но не добил никаков третман по враќањето дома. Тие го опишуваат како изгубена и скршена личност која има долг пат до закрепнување. Тие тврдат дека авиокомпанијата се однесувала лошо кон него и бараат итен состанок со менаџментот на Ер Индија.
„Тие се во криза, ментално, физички, финансиски“, рече Пател. „Тоа го уништи неговото семејство. Кој и да е одговорен на највисоко ниво, треба да биде на терен, да се сретне со жртвите на овој трагичен настан, да ги разбере нивните потреби и да ги слушне.“
Ер Индија му понуди на Рамеш привремена отштета од 21.500 фунти, која тој ја прифати, но неговите советници велат дека тоа не е ни приближно доволно за да ги покрие неговите основни потреби. Семејниот бизнис за риболов во Индија, кој го водеше со својот брат, оттогаш пропадна.

Портпаролот на семејството, Рад Зајгер, истакнува дека тие три пати побарале средба со Ер Индија, но сите нивни барања биле „игнорирани или одбиени“. Настапот во медиумите, вели тој, е нивниот четврти обид да се обратат до компанијата.
„Ужасно е што мора да седиме тука денес и да го подложиме на ова“, рече Зајгер. „Луѓето што треба да седат тука денес се раководителите на Ер Индија, луѓето одговорни за обидот да се поправат работите. Ве молиме дојдете и седнете со нас за да можеме заедно да поминеме низ ова и да се обидеме да ублажиме дел од ова страдање.“
Ер Индија: Понудивме средба
Авиокомпанијата, која е во сопственост на Тата Груп, соопшти дека високите раководители продолжуваат да ги посетуваат семејствата на засегнатите за да изразат сочувство. „На претставниците на г-дин Рамеш им е понудена понуда да организираат таква средба, ние ќе продолжиме да контактираме со нив и се надеваме на позитивен одговор“, се вели во нивното соопштение. Компанијата потврди за Би-би-си дека понудата е испратена пред појавувањата на г-дин Рамеш во медиумите.