Презентирани мерките за вработување „Шанса за сите“
Агенцијата за вработување денеска во просториите на Општина Аеродром го претстави оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година „Шанса за сите“.
Мерките беа презентирани пред голем број заинтересирани работодавци и сопствениците на микро, мали и средни претпријатија, во присуство на градоначалникот Златко Марин.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, истакна дека во Општина Аеродром во овој момент има повеќе од 1.000 активни баратели на работа.
Таа посочи дека Агенцијата е подготвена на секаков можен начин да соработува со работодавците. „Идејата е убав живот, намалување на невработеноста и развој на приватниот сектор“, изјави Јовановска.
Програмата е наменета за невработени млади лица до 29 години, невработени лица со попреченост и невработени жени од ранливи категории (приматели на социјална помош, жртви на семејно насилство, долгорочно невработени жени, самохрани мајки, социјално исклучени жени врз основа на технолошки вишок и стечај).
Корисници на оваа програма може да бидат и невработените лица што имаат завршено обука за претприемаштво и/или изработено бизнис-план во 2018 година.
Заинтересираните работодавци и баратели на работа за сите детали околу планот „Шанса за сите“ можат да се обратат во Агенцијата за вработување.