Презентиран систем за управување со јавните набавки во МО
Во услови на безбедносни предизвици во Европа јасна е потребата од вложување во одбраната и тоа како во националната, така и во колективната одбрана во која придонесуваме и ние како земја членка на НАТО. Нашата цел е потребната опрема која ја набавуваме за нашите армиски сили да биде квалитетна и навремено испорачана кај вистинските корисници, рече на денешната промоција на новиот интерен систем за управување со јавните набавки во Министерство за одбрана, ресорната министерка Славјанка Петровска.
Овој систем, потенцира, не само што ќе ја зголеми ефикасноста на јавните набавки, туку ќе го намали и просторот за коруптивни влијанија во самиот процес.
– Се работи за интерен систем за спроведување контрола и следење на јавните набавки во рамки на МО и Армијата и со овој систем се воведува рано предупредување за потребата од започнување на нова постапка за јавна набавка за опрема или, пак, услуга со што се разбира ќе се овозможи навремено планирање и реализација на набавките, појасни Петровска.
![]()
Електронската апликација содржи стандардизирани документи кои се компатибилни со системот за јавни набавки на Бирото за јавни набавки, а системот, подвлече, ќе креира и електронска меморија на веќе спроведените набавки, со што подобро ќе може да се следи искористувањето на буџетските средства и квалитетот на извршените и идните набавки.
– Целиот процес ќе се спроведува електронски што драстично ќе го намали просторот за грешка или каков било обид за корупција, рече меѓу другото министерката за одбрана.
Бригадниот генерал Џон Баурон, советник за трансформација во Министерството за одбрана, прво информираше дека британската амбасадорка Рејчел Галовеј не се чувствуваше добро, но, како што рече, ќе се обидам да ги прочитам зборовите што таа сакаше да ги сподели со вас најдобро што може.
– Како членка на НАТО Северна Македонија игра важна улога во градењето на капацитетите за одбрана во рамки на НАТО. Клучно во помагањето за ефективно придонесување кон оваа улога е континуираниот развој на структурите и капацитетите на МО и на ГШ на АРМ. Ова треба да биде вградено во ефективниот план да се координира, спроведува, проценува и подобрува во однос на одбранбените цели. Со оглед на тековните настани – случувања во Украина оваа улога никогаш не била толку важна колку што е денеска, рече бригадниот генерал Баурон.
Ние, истакна, мораме да бидеме подготвени да се соочиме со сите идни предизвици и закани по демократијата, слободниот печат и почитувањето на човековите права. Меѓутоа, како што рече тој, членството во НАТО не значи чисто фокусирање на војската и на воените прашања и прашањата поврзани со националната безбедност. Исто така, тука се работи за политичка слобода, демократија, добро владеење, вклучување и учество и отчетност. Овие стандарди, подвлече Баурон, се вградени во работата на НАТО и нејзините членки.
– Членството во НАТО и законите на Северна Македонија бараат планирања на јавните набавки и процеси во одбранбениот сектор да бидат во согласност со законите и да бидат ефикасни. Овој проект ги поддржува националните институции на одбраната во спроведувањето на таквите стандарди за набавки на НАТО, нагласи Баурон.