Презентиран прелиминарен Преглед на мапирани буџетски програми во рамки на Националната развојна стратегија 2024 – 2044

Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за следење на Националната развојна стратегија (НРС) денеска ја одржа втората седница.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на седницата проф. д-р Александар Стојков и проф. д-р Борче Треновски го презентирале прелиминарниот Преглед на мапирани буџетски програми во контекст на Националната развојна стратегија 2024 – 2044, во кој се опфатени 102 приоритети во шест стратешки области на централно и на локално ниво, преку анализа на 94 годишни програми на 20 институции и 67 програми на локалната власт.
Претседателот на Собранието и претседавач на ИППГ, Африм Гаши нагласил дека прелиминарниот Преглед на мапирани буџетски програми, овозможува увид во тоа како се распределуваат буџетските средства во контекст на НРС. Гаши посочил дека особено е важно што во првата година од имплементација на НРС, се изготвува ваков извештај којшто ги мапира сферите кои треба да се адресираат преку НРС.
Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев во своето обраќање се осврнал на активностите кои Генералниот секретаријат ги реализирал во изминатиот период и активностите кои се планирани до крај на 2025 година. Нагласил дека Мапата за инвестирање дава слика за инвестициите на централно и локално ниво, а во исто време е патоказ за идните инвестиции во државата. Посочил дека работните комитети работат по области и нивните предлози се претопуваат во предлози за имплементација на НРС.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан потенцирал дека УНДП останува посветен партнер, интегратор и фасилитатор за имплементирање на НРС. Посочил дека изготвувањето и имплементацијата на НРС е особено важен сегмент за УНДП, затоа што, како што се наведува во соопштението, НРС е повеќе од план, таа е колективно ветување за следните генерации.
Копретседавачите на ИППГ, Никола Мицевски и Оливер Спасовски, го поздравиле ваквиот начин на информирање и координација меѓу Собранието, Владата и државните чинители.
Членовите на Групата се согласиле дека седниците на ИППГ во овој формат и со фокус на вакви значајни извештаи се особено значајни не само за членовите на ИППГ, туку и за државата. Нагласиле дека сите институции при изготвување на буџет, треба да се водат од НРС, како главен национален стратешки документ. Од Собрание посочуваат дека ваквите седници и транспарентноста на процесот ќе потврди дека имплементацијата на Националната развојна стратегија е над партискиот интерес, приоретизирајќи го интересот на државата, стои во соопштението.