Превирања во Ново Нордиск, промени во одборот на директори по турбулентната година за компанијата


Неколку членови на одборот на данскиот фармацевтски гигант Ново Нордиск, вклучувајќи го претседателот и потпретседателот, ќе се повлечат од своите позиции по спор со неговиот контролен акционер околу идниот состав и насоката на компанијата, објавува CNBC.

Компанијата, позната по своите многу успешни лекови за дијабетес и слабеење Оземпик и Вегови, вчера објави дека нејзините директори и Фондацијата Ново Нордиск, која е нејзин контролен акционер, не успеале да постигнат договор за идниот состав на нејзиниот одбор.

Акциите на компанијата, котирани на берзата во Копенхаген, вчера паднаа за 1,3%.

Сегашниот претседател на одборот, Хелге Лунд, ја објасни природата на конфликтот. „Одборот предложи обнова фокусирана на додавање избрани, нови компетенции, а воедно и одржување на континуитетот, додека Одборот на Фондацијата сакаше поопфатна реконфигурација“, рече Лунд.

Фондацијата Ново Нордиск предлага нејзиниот сегашен претседател, Ларс Ребиен Серенсен, исто така да ја преземе позицијата претседател на одборот на компанијата. Според коментарите на Серенсен, објавени од Ројтерс, Фондацијата сакала побрзо донесување одлуки од страна на одборот, верувајќи дека бил премногу бавен во препознавањето на промените на пазарот во Соединетите Американски Држави.

Исто така, имало несогласување околу управувањето со транзицијата на извршниот директор, при што Фондацијата барала брзо назначување, додека одборот претпочитал посеопфатен процес.

Ларс Ребиен Серенсен (71), поранешен извршен директор на компанијата, првично се приклучил на одборот како набљудувач во мај оваа година. Тој сега се кандидира за претседател со две главни цели: да ги поддржи плановите за трансформација на компанијата и да осмисли план за назначување нов претседател кој ќе ја води компанијата во 2030-тите.

Поради несогласувањето, претседателот Хелге Лунд, потпретседателот Хенрик Поулсен и членовите Лоренс Дебру, Андреас Фибиг, Силви Грегоар, Кристина Ло и Мартин Мекеј нема да се кандидираат за реизбор.

Касим Кутај и членовите избрани од вработените ќе останат во одборот. Фондацијата ги предлага Сис де Јонг за нов потпретседател, а Брит Милби Јенсен, Микаел Долстен и Стефан Енгелс за членови. Вонредно општо собрание за одлучување за промените ќе се одржи на 14 ноември.

Преструктуирањето доаѓа во турбулентна година за Ново Нордиск, која се соочува со зголемена конкуренција во лековите за дебелина. Во мај, извршниот директор Ларс Фруергард Јергенсен беше разрешен и заменет од Мајк Дустдар, кој вети дека ќе ја „ресетира“ компанијата.

Како дел од тој процес, Ново Нордиск планира да намали околу 11,5% од својата глобална работна сила за да ги пренасочи ресурсите кон своите бизниси за дијабетес и дебелина.