Претставници на партијата на Курти ќе бидат на пратеничките листи како поединци


Фотографијата од собирот во Тетово што ја објави Билал Касами на неговиот профил на Фејсбук

 

„Претставници на движењето Самоопределување ќе бидат на заедничките листи како поединци, не како партија. Тие имаат исти убедувања со нас и веќе се дел од коалицијата Европски сојуз за промени. Советникот на Албин Курти за Македонија, Беким Ќоку, е стружанец, тој е македонски државјанин и порано бил пратеник во Собранието, така што не го спречува ништо да се најде на кандидатска листа за пратеник“, вели Изет Меџити за најавата вчера дека партијата на косовскиот премиер Албин Курти ќе биде дел од коалицијата на албанските опозициски партии.

Беким Ќоку во април годинава беше именуван за надворешно-политички советник на Албин Курти за односите со Македонија.

Најавата внесе забуна во земјава, бидејќи странски партии не можат да учествуваат на избори, а Самоопределување нема формирано своја партија во Македонија и според проценките – нема ни време да го направи тоа.

Беким Ќоку и Албин Курти

Политичкото мешање на Курти во Македонија не е без преседан бидејќи еднаш тој проба да ги набилда шансите и на Блерим Река кога беше претседателски кандидат, а се замеша и во изборите во Албанија со нова партија, но успехот изостана. Проценките се дека Курти има висок рејтинг меѓу Албанците во Македонија и самиот факт што неговиот советник за Македонија Ќоку ќе биде на листата за избори ќе ги зголеми шансите на трите албански опозициски партии. 

Според нашата регулатива, странска партија не може да учествува на избори во Северна Македонија, но нејзини претставници, хипотетички гледано, доколку имаат македонско државјанство, односно двојно државјанство, и ги исполнуваат условите пропишани со Изборниот законик, можат да бидат кандидати за пратеници. Според она што најави Меџити, изборната програма ќе се работи заедно со Самоопределување, канцелариите се заеднички, кампањата ќе биде заедничка и на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување.

„Од денеска Европскиот сојуз за промени се состои од четири политички партии. Тоа значи дека во овие четири е и Самоопределување, тие ќе бидат дел од пратеничките листи, значи ќе има член, претставник на Самоопределување“, рече Меџити. Согласно Изборниот законик и Законот за пратеници, право да биде избран за пратеник има државјанин на Македонија.
Затоа, според Меџити, претставниците на  Самоопределување кои ќе се најдат на заедничките листи за кандидати за пратеници, нема да фигурираат како партија, туку како поединци.

Инаку, Беким Ќоку е поранешен член на Алијанса за Албанците, партијата на Арбен Таравари, која во моментов е дел од владејачката коалиција. Тој беше пратеник во македонското Собрание од редовите на ДПА во периодот од 2011 до 2014 година.

„Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави“, оцени премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ја најавата дека движењето Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти ќе учествува на парламентарните избори во земјава.  Ковачевски сепа, оцени дека учеството на политички партии од соседството во изборниот процес на нашата држава може да предизвика и партии од други држави да бидат дел од изборите во земјава, што, како што вели, би претставувало не толку посакувана динамика.

„Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави, но јас досега немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава. Не знам како точно е пренесена изјавата на еден од претседателите на партиите во опозицискиот блок, треба да се види на што точно се мисли. Треба да се провери на кој начин тие би учествувале, како и на што точно се мисли. Треба да се провери и Изборниот законик, како и регистрирањето на партиите“, вели Ковачевски.