Претставничкиот дом по втор пат изгласа импичмент за Трамп


Спикерот на Претстваничкиот дом Ненси Пелоси (Фото: АП)

Мнозинството од американскиот Претставнички дом гласаше за импичмент на претседателот Доналд Трамп по втор пат, само една недела откако тој ги охрабри лојалистите „да се борат како пекол“ против резултатите од изборите – говор што го следеше толпа негови приврзаници кои упаднаа во Капитолот на САД. Гласањето во Претставничкиот дом беше за членот за импичмент за „поттикнување востание“.

За време на дебатата пред гласањето, спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси ги замоли републиканците и демократите „да си ги пребаруваат душите“. Трамп би бил првиот американски претседател на кој двапати му бил изречен импичмент.

Трамп „мора да си оди“, рече Пелоси. „Тој е јасна и присутна опасност за нацијата што сите ја сакаме“.

За отповикување на Трамп гласаа и 10 републикански конгресмени. Во гласови беше 232 за импичмент и 197 против.

Вистинското отстранување се чини малку веројатно пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари. Портпарол на лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, рече дека лидерот на републиканците нема да се согласи веднаш да ја врати од пауза комората која е на одмор до 19 јануари.

Сепак, Меконел не исклучи гласање за осудување на Трамп во случај на судење. Во белешката до неговите колеги републикански сенатори непосредно пред Долниот дом да започне да гласа, тој рече дека е неодлучен.

„Додека печатот беше полн со шпекулации, јас не донесов конечна одлука за тоа како ќе гласам и имам намера да ги слушам правните аргументи кога тие ќе бидат изнесени пред Сенатот“, напиша Меконел.

Во Домот, моментумот за акција беше незапирлив. (АП)