Претседателот Пендаровски и вработените во Кабинетот не добиле плата за јануари
Откако повеќе медиуми испратиле прашања до Кабиентот на претседателот Стево Пендаровски во врска со платите оттаму официјално соопштија дека „потврдуваме дека платата за јануари 2023 година не е исплатена за вработените во Кабинетот и за претседателот на Република Северна Македонија“.
Во соопштението понатаму се наведува:
„Образложението кое го добивме од Министерството за финансии е дека во Буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во Кабинетот на претседателот и го сметаме за неосновано.
Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот Колективен договор со Синдикатот на вработените, предвиде зголемување од 5 отсто на платите само за државните службеници кои се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова зголемување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии.
Барањето за финансиски средства за плата за јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии е изработено во согласност со Законот, во рамки на одобрените средства во Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник – Претседател и во согласност со Колективниот договор за вработените при Претседател на Република Северна Македонија“.