Претседателот на Собранието на Саудска Арабија на средба со Талат Џафери


Фото: Б. Грданоски

 

На денешната средба со Абдулах бин Мухамед Ал Шеик, претседателот на Собранието на Саудиска Арабија, претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, му посака добредојде и ги поздрави досегашните добри и пријателски односи меѓу двете земји. Тој истакна дека ваквите посети од највисоки претставници на Саудиска Арабија се поттик за понатамошно зајакнување на соработката на повеќе нивоа, со акцент на потребата од интензивирање и зајакнување на взаемната политичка комуникација на сите нивоа, а особено и на економски план. Претседателот Џафери особено

ја потенцираше парламентарната соработка и ги поздрави досега прифатените иницијативи од страна на Саудиска Арабија за потпишување на повеќе билатерални договори во разни области.

Абдулах бин Мухамед Ал Шеик се заблагодари на топлиот прием во Собранието  и потврди дека овие средби се корисни и за двете страни, особено во насока на зајакнување и зближување на взаемните меѓудржавни односи. Тој му предложи на Џафери во наредниот собраниски состав на Собранието на Македонија да се формира посебна група за соработка конкретно само со Саудиска Арабија а упати и вербална покана за официјална посета на Саудиска Арабија во наредниот период. Тој нагласи дека неговата земја е посебно заинтересирана за развојот на економските односи.

Двајцата соговорници разговараа и за напрегнатите односи на Блискиот Исток во светло на војната меѓу Израел и Хамас.