Претседателот да не го потпишува Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“, бараат ЦЕА, Транспаренси и Центарот за даночна политика


Три невладини организации – Центарот за економски анализи, Транспаренси интернејшенал Македонија и Центарот за даночна политика побараа денес Претседателот на државата да не го потпишува Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и „Макпетрол“, со кој, како што велат „законодавната власт се впушти во озаконување на вонсудската спогодба склучена помеѓу Владата на РСМ и Макпетрол АД Скопје со која се решава долгогодишниот судски спор за утврдување на правото на сопственост и соодносот на вложувања на договорните страни во операторот за природен гас ГА-МА АД, како и раздвојување на сопственичката структура преку пренос на сопственоста во целост на РСМ преку купување на сопственичката акција на Макпетрол АД Скопје“.

Во соопштението до медиумите потпишано од првите луѓе на трите организации, Марјан Николов, Слаѓана Тасева и Славко Лазевски, се вели дека на овој начин се повредува начелото на уставност и законитост и начелото на поделба на власта во РСМ со тоа што се  мешаат улогите на судската и законодавната власт со тоа што материја која припаѓа на облигационо правните односи и која треба да се реши со постигнување на спогодба во судска постапка или вонсудска спогодба или пак во случај на спор да се реши со судска пресуда, сега се дава на одлучување на Собранието како законодавен орган.

„При тоа на Собранието му се даваат надлежности кои не се во согласност со Уставот на РСМ. Имено, Собранието е надлежно да ратификува меѓународни договори, а не договори со склучени помеѓу национални субјекти“, велат тие.

Продажбата, односно преносот на акциите треба да се изврши согласно Законот за трговските друштва, а особено согласно Законот за хартиите од вредност и другите законски и подзаконски акти од областа на издавањето и тргувањето со хартии од вредност. Во секој случај, за преносот и откупот на акциите треба да одлучува Владата на РСМ, како соосновач и акционер во ГА-МА АД, а не РСМ како империум, ова прашање да го уредува, односно „ратификува“ со закон, се вели во соопштението.

Од аспект на Закон за енергетика проблем се јавува со тоа што „Макпетгрол“ АД Скопје поседува и фирма за снабдување со природен гас, што е во спротивност со одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на сопственичкото раздвојување. Во тој случај „Макпетрол може да изврши раздвојување преку продажба на акциите (акцијата).

Во ссоопштението се вели дека од аспект на транспарентност и отчетност се навлегува во заробување на државата преку носење на Tailor made law (Закони по мерка) за кој ТИМ веќе дала свое видување за состојбите во РСМ во извештајот за оценка на заробување на државите.

„Во овој случај Владата наместо да го реши спорот преку судски и вонсудски инстанци го користи Собранието ова прашање да го уредува, односно „ратификува“ со пригодно скроен закон по мерка“, се вели во соопштението.

Притоа, за трите организации проблематично е што проценка вршело Бирото за судски вештачења кое е државен орган со што се пропуштила можноста за независно вештачење кое треба да биде независно за правилно да се оцени фер пазарната вредност за ГАМА АД бидејќи, амортизациониот век е скоро истечен, а со цел да се заштитат интересите на РСМ и на даночните обврзници на РСМ.

„Отсуството на независна проценка на моменталната пазарна вредност на ГАМА АД само дополнително го зголемува сомнежот за утврдената цена во член 5 од Законот по која треба да се откупи акцијата на ‘Макпетрол’ во АД ГАМА“, се вели во соопштението.

Исто така се укажува дека за овој Закон не бил објавен на ЕНЕР и не е испочитувана  постапката за оценка на влијанието на овој закон.

„Укажуваме и на моментот дека со предложениот закон Макпетрол АД Скопје ќе оствари капитална добивка како разлика помеѓу номиналната вредност на акцијата и нејзината продажна вредност, која, во тој случај, треба да влезе во даночната основа на АД Макпетрол и да биде предмет на оданочување согласно со Законот за данокот на добивка, се вели во соопштението.