Претседателката Силјановска Давкова „мисли дека знае“ кого ќе предложи за гувернер, ќе соопшти утре


Фото: Б. Грданоски

Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска изјави дека „мисли дека знае“ кого ќе предложи за гувернер на Народната банка, но тоа нема да го соопшти прво на новинарите. Одговарајќи на новинарски прашања, по промоцијата на Родовата самопроценка и Родовиот акциски план 2024 – 2028 година на Министерството за одбрана и Армијата, таа рече дека в среда ќе ја соопшти конечната одлука.

Запрашана дали одлучила кого ќе предложи на функцијата гувернер на НБ, таа рече дека се уште не донела одлука.

„Не, не сум донела одлука, но не го кажувам пред новинари прво името, нема да ми се лутите. Но, веќе мислам дека знам“, рече претседателката Силјановска Давкова.

Таа додаде дека она што со право создало дебати меѓу новинарите и прашања, било нешто што мисли дека би требало да се практикува за секоја функција.

„Да седнете со сите луѓе кои се споменуваат и да разговарате. Да го прашате секој што мисли за другиот, или што мисли тој дека може да направи, а што не било направено и што е тоа што мисли дека кај другиот не е во ред“, изјави Силјановска Давкова, допдавајќи дека би сакала да има и повеќе кандидати, но тоа не е можно секогаш.

Таа посочи дека во оваа област е потребна соработка.

„Вие знаете дека во таканаречените неизвршни членови (на Советот на НБ, заб.) ќе влезат оние предложени од Владата. Исто така е важно кој ќе биде заменик гувернер, мене и тоа ме интересира бидејќи треба да соработуваат меѓу себе. Тоа е еден систем кој што е многу важен за макроекономската стабилност“, изјави Силјановска Давкова.

Инаку, во Законот за Народна банка, функцијата заменик гувернер не е предвидена. Дали станува збор за лапсус, односно дали претседателката мислела на назначувањето вицегувернери, останува да се разјасни.

Според Законот на Народна банка, Советот на Народната банка се состои од девет члена од кои гувернерот и тројцата вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови. Неизвршните членови учествуваат во одлучувањето на Советот на Народната банка.
Неизвршните членови на Советот на Народната банка ги именува Собранието на Република Северна Македонија на предлог на Владата на Република Северна Македонија.

Според истиот Закон, гувернерот пренесува дел од своите овластувања и задачи на тројцата вицегувернери на Народната банка. Гувернерот и тројцата вицегувернери го сочинуваат Извршниот одбор на Народната банка.

Гувернерот однапред го определува редоследот по кој вицегувернерите ќе го заменуваат во текот на периодот на негово отсуство или спреченост за извршување на обврските, стои во Законот за НБ.

Гувернерот го именува Собранието на Република Северна Македонија на предлог на претседателот на Република Северна Македонија додека, пак, вицегувернерите ги именува Собранието на Република Северна Македонија на предлог на гувернерот.

Инаку, како што посочи Силјановска Давкова, таа немала проблем со експертското познавање на сите кандидати со кои разговарала. Притоа, рече дека тоа се имињата на оние кои биле споменувани изминатите денови, што значи дека индиректно потврди дека станува збор за актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески и поранешениот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески. Во медиумите исто така се споменуваа и неколку други имиња како кандидати за престижната функција.

„Ако ги оценуваме кандидатите, тие со кој разговарав, веќе ги чувте нивните имиња, низ призма на екпсертско знаење, немам проблем. Ние сме имале среќа во оваа држава и одлично сме се однесувале кон оваа функција. Одете наназад да видите дека сме имале добри гувернери, тоа го кажуваат и странските евалуатори“, рече Силјановска Давкова.

Таа рече дека веќе најавила дека во среда веќе ќе знае и откри дека се консултирала и со експерти и поранешни гувернери.

„Но, мислам дека е убаво кога на секој кандидат ќе му кажете дека ќе разговарате со следниот и ќе му кажете што мислите, мислам дека тоа е и почит. Се разбира, јас во меѓувреме консултирав и експерти од оваа област, луѓе кои се врвни, па дури и луѓе кои биле на истата таа функција, што мислат, како мислат…“, посочи претседателката Силјановска Давкова. (М.Ј.)