Преспанското Езеро и понатаму се губи – измерен рекордно низок водостој


Нивото на Преспанско Езеро продолжува да соборува антирекорди. За прв пат откако се вршат мерењата е пробиена психолошката граница од 841 m надморска висина – денеска е веќе 840,97 m, односно на кота -663 cm под референтното ниво од 847,60 m н.в., пишува професорот од Битола, Дејан Трајковски во неговата Фејсбук објава.

Како што посочи Трајковски, моменталното ниво е уште отсега, во средината на септември, дури 19 cm пониско од ланскиот и историски минимум.

„До декември има уште долг пат да се изоди и прогнозата останува за кота -690 cm“, прогнозира професорот.

Инаку, веќе две години езерото губи по 50-ина сантиметри годишно од нивото, односно околу 125 милиони кубни метри вода.

„Денеска, на пример, е цели 55 сантиметри пониско од истиот ден минатата година. Друг пат ќе ги видиме пресметките и за вкупниот волумен на водата и просечната длабочина, но ориентационо таа изнесува се на се околу 8 m, иако поголемиот дел од дното е на длабочина од околу 9,5 m. Нема никакво наговестување за забавување на надолниот тренд, туку напротив, објаснува професорот Трајковски.