Преспанскиот договор ќе се слави повеќе од Охридскиот
Преспанскиот договор од годинава ќе се слави повеќе и од Охридскиот. Според објавената агенда за Преспа форум дијалогот, на првата меѓународна конференција организирана во овој формат ќе учествуваат околу четириесетина високи функционери од Европа и од САД.
Меѓу нив ќе бидат медијаторот за спорот за името Метју Нимиц, поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, поранешната висока преставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан, некои потписници, а некои учесници на историскиот настан во Нивици/Псарадес.
Од САД ќе дојдат помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, како и Метју Палмер, негов заменик, кој е одговорен и за Западниот Балкан. Од ЕУ ќе присуствува и специјалниот преставник за Балканот, Мирослав Лајчак. Од регионот на форумот ќе учествуваат премиерите на Србија, Ана Брнабиќ, на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Листата на министри е подолга и на неа се шефовите на дипломатиите на Турција, Мевлут Чавушоглу, на Унгарија Петер Сијарто, на Романија Богдан Ауреску, на Хрватска Гордан Грлиќ-Радман, на Косово, на Црна Гора и на Полска. Старите пријатели на Македонија, исто така ќе земат учество – од Џорџ Робертсон, поранешен генерален скеретар на НАТО, Ален Лероа, специјален преставник на ЕУ за Македонија, па до Тим Џуда, експерт за регионот, а ќе дојдат и првите луѓе на ОБСЕ, на Советот на Европа и на други организации, вклучувајќи ја и поранешната европарламентарка со остар јазик, Дорис Пак.
Конференцијата ќе трае два дена, на 1 и 2 јули, ќе се одржува на две локации, во Охрид и во Преспа, а ќе стане традиционална.
Домаќин на собирот ќе биде министерот за надворешни работи, Бујар Османи. (Н.В.)