Препораките од ГРЕКО се за извршната власт и МВР, се бара етички кодекс со санкции за министрите
Дваесет и една препорака за нашата држава содржи извештајот на ГРЕКО од петтиот еволуционен круг. Тема на сите препораки се највисоките носители на извршна власт и МВР односно премиерот, министрите, ДКСК и полицијата, потенцира денеска Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата на нашата држава во ГРЕКО. Додаде дека главна тема се корупцијата и интегритетот во највисоките носители на извршна власт.
Со оглед на тоа што имаше многу изјави околу работењето и неработењето на СЈО или на Јавното обвинителство, слободата и не слободата на медиумите или партизацијата или непартизацијата на администрацијата, како што рече таа, многу е важно да се истакне дека дел од тие теми се од четвртиот круг на ГРЕКО спроведен од 2013 до 2016 година. ГРЕКО, посочи, сега истражува состојби за корупција и интегритет во министерствата, посебно во МВР и во Кабинетот на премиерот.
Таа информира дека експертите од ГРЕКО кои биле во нашата држава од 1 до 5-ти октомври лани оствариле средби и во СЈО, но, како што рече, забелешките за тоа дека нема предмети за висока корупција од стрна на ЈО, се однесувале на состојбата од четвриот круг.
– Владата треба да донесе нов или да го измене постоечкиот етички кодекс за министри и за други избрани и именувани лица, во кој ќе бидат предвидени санкции за оние кои нема да го почитуваат. ГРЕКО бара да се ревидира или да се донесе нов етички кодекс и за полициски службеници. Се инсистира на обуки кои ќе ги спроведува ДКСК, како на министрите, така и на полициските службеници за тоа што значи етичко однесување, интегритет и како да се спречи конфликт на интереси, изјави Данева.
ГРЕКО бара да се воведат и професионални критериуми за избор и разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, што значи меѓу другото дека Владата ќе мора да подготви и измени на Законот за полиција и на Законот за внатрешни работи.
Инаку, што се однесува до 50 – те советници на премиерот, ГРЕКО бара критериуми за конфликт на интереси односно со прашалници да се испита евентуалниот конфликт на интереси. И министрите, за нивните шест советници, од кои тројца од внатре и тројца надворешни, како и премиерот, мора јавно да објават кои се точно нивните работни задачи и колкава плата земаат.
Во однос на препораките за МВР, заклучено е дека внатрешната контрола во МВР не е доволно одделена односно самостојна во однос на евентуално политичко влијание и влијание од страна на министерот. Од МВР во препораките се бара детално и прецизно да објавува колкав е буџетот, но и колку обуки се направени во однос на етичкото однесува почнувајќи од самиот министер, преку високите функционери и полициските службеници.
ГРЕКО препорачува и донесување Закон за лобирање и забележува дека во нашата држава нема регистрирани лобисти.
За исполнување на овие препораки, истакна Данева, ГРЕКО даде рок од 18 месеци односно до 30 септември следната година.