Премиерот на Хаити, Ариел Хенри, преживеа обид за атентат


Хаити– Вооружени лица во саботата се обиделе да го убијат премиерот на Хаити, Ариел Хенри, за време на прославите на Денот на независноста на земјата, соопштија официјални лица.

Инцидентот се случил кога Хенри присуствувал на церемонија во црква во градот Гонаивес, 150 километри од главниот град Порт-о-Пренс.

На видеата објавени на интернет се гледа како премиерот и неговата придружба брзаат кон автомобилите додека се слушаат интензивни пукотници.

Ариел Хенри го обезбедува функционирањето на државата од атентатот на претседателот Џовенел Мојзе на 7 јули.

Хенри вети дека ќе се бори против моќните банди за кои се верува дека се одговорни за бранот на киднапирања и дека ќе ја преземе контролата врз голем дел од снабдувањето со гас во земјата.

Кабинетот на премиерот соопшти дека зад обидот за атентат стојат „бандити и терористи“, а по осомничените се издадени налози за апсење.

Декларацијата за независност на Хаити била потпишана во Гонаивес на 1 јануари 1804 година.