Премиерот му дава уште една шанса на директорот на Инспекторатот за јазици
Премиерот Христијан Мицкоски му дава уште една шанса на директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи, откако во Собранието тој одби на новинарите да им одговори на македонски јазик. Мицкоски раговарал со него и не верува дека тоа ќе се повтори, но нагласи дека ќе биде разрешен директорот доколку се повтори.
Вицепремиерот Иван Стоилковиќ вчера во телевизиско интервју најави дека Владата ќе го разреши директорот Идризи. На прашање зошто Идризи не го користи македонскиот јазик во јавните настапи, Стоилковиќ рече дека „во вторник, на идната седница на Владата, 99 отсто сигурно ќе биде разрешен“.
Минатата недела, Идризи на новинарски прашања одговараше само на албански јазик, а на медиумите на македонски јазик им порача дека „после ќе им преведат“.
Мицкоски информира дека законот за правична застапеност е готов и откако ќе помине на владина седница се очекува да биде пратен до Венецијанската комисија на мислење.
„Готов е Законот за правична застапеност. Се очекува на следните седници од Владата да помине. Јавноста ќе биде информирана, а потоа ќе го пратиме во Венецијанската комисија на мислење. Ако нешто добро сме направиле, тогаш веднаш го пуштаме во собраниска процедура. Многу внимававме. Многу се консултиравме со уставни експерти. Затоа што има политички партии кои што ако не се занимаваат со некрофилија, тогаш се занимаваат со национализам. Сега не ни е потребна поделба кога се обединуваме да го обединиме општество. И затоа не сакаме да им даваме тема бидејќи тие кога не се занимаваат со некрофилија, тогаш сеат магла, лаги, клевети, невистини на национална основа. И затоа многу внимававме во овој процес за да не им оставиме тема“, рече тој.