Мицкоски би се согласил за максимум 0,35 отсто од БДП за судството
Мицкоски пак зборуваше дека платите на судиите биле превисоки и рече дека во буџетот нема пари за поголемо издвојување на судството
Она што пред некој ден во интервју на Телма го објаснуваше со графикони премиерот Христијан Мицкоски денеска пред новинарите го потврди – тој не гледа причина за зголемување на платите на судиите и обвинителите. За него е прифатливо да се одвојува 0,35 отсто од БДП да се одвојува за судиите и обвинителите. Мицкоски ја повтори неговата теза дека државата за правосудниот систем одвојува повеќе од 75 проценти од земјите-членки на ЕУ.
„Периодов детално го проучувам овој случај, вклучително делот со буџетот којшто се одвојува за судството и за Обвинителството. Дури и Венецијанската комисија има забелешки за тој член каде што се определува судскиот буџет. Пред неколку дена во едно интервју дадов сеопфатна анализа за состојбата во делот на финансирањето на правосудните системи во Европа. Од таа анализа направена и финансирана од Советот на Европа за податоци од 2022, објавена 2024 година, дојдовме до заклучок дека ние како држава одвојуваме пари од буџетот за правосудниот систем повеќе од 75 проценти земји-членки на ЕУ. Во 2022 ние одвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП. Франција е 0,2, a Германија е 0,3 од нивниот БДП. Европскиот просек отприлика е 0,3“, рече Мицкоски при посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје
Според премиерот, државата не можела да си дозволи зголемување од 1,3 проценти од БДП, од кои 0,8 за судови и 0,5 за обвинителите.
„Тоа би било околу 260 милиони долари годишно, а ние тие пари ги немаме. А од друга страна се бара од нас фискална консолидација“ рече тој и го соопшти предлогот кој го има владата: „Јас мислам дека 0,25 проценти е е прифатливо за судовите и 0,1 процент за обвинителите или севкупно 0,35 проценти од нашиот БДП“.
Мицкоски пак зборуваше дека претседатели на судови имале месечни примања од 180 илјади денари, а тој како премиер 155 илјади и дека „малкумина го контаминираат огромното мнозинство чесни судии и обвинители“.
Во своевиден пркос кон ЕУ тој рече: „Ова е ставот и спремен сум политички тоа да го поднесам за оваа состојба во којашто ќе бидам критикуван во извештаи во иднина“.
Во вовогодинешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија владеењето на правото, борбата против корупцијата и состојбата во судството добија едни од најпоразителните оценки. ЕУ оценува дека со скромни финансиски ресурси, без дигитализација, истражители и други стручни соработници, адекватни просторни услови судиите не можат адекватно да ја вршат својата улога. Премиерот постојано судскиот буџет го поврзува со платите на судиите.