Премиера на „Прозорци“ – продукција на Инкубатор платформата за млади уметници
Вечерва, во 19 часот, во Домот на АРМ, ќе се изведе проектот „Прозорци“, продукција на Инкубатор – платформата за млади уметници. Автор на проектот е Матеа Мијановиќ, а го создава во соработка со младите уметници Митко Дамјановски, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска и Драган Теодосиев. Проектот е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.
Идејата врз која се базира продукцијата е истражување на нови правци на создавање, тематски поврзани со лични состојби, како отвореност и спреченост, состојби кои се во директен сооднос со самите уметници, нивните внатрешни и надворешни ограничувања и можности. „Прозорци“ е резултат на креативните работилници кои се одвиваа на овие теми, експресивен графички и геометриски приказ, во кои се детерминираат можностите и се надминуваат границите, преку минималистички пристап во сите три уметнички категории. „Прозорци“ е студија за релациите, отуѓеноста и моменталното чувство на поединецот, искажана низ монотонијата на секојдневните рутини во однесувањето, со цел да отвори ‘прозорец’ кон надминување на тие секојдневни рутини и калапи на однесување.