Преку Развојната банка 16,9 милиони евра за домашните компании, прва транша од заемот од ЕИБ


Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје денеска ја повлече првата транша во износ од 16,9 милиони евра за мали и средни компании од заемот од Европската инвестициска банка. Со оваа транша, се обезбедува поддршка на 50 проекти на домашни мали и средни компании и средно-пазарнокапитализирани компании кои ќе вработат нови 90 лица.

Од траншата, најголем дел на средствата, 12.8 милиони евра, се наменети за компании во сегментот на трговијата и производството. Компаниите ги користат средствата од кредитната линија преку матичните комерцијални банки, за заеми за тековни средства со каматна стапка до 1,6 проценти.

-Со заемот на РБСМ од ЕИБ, кој се склучи годинава, се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови, како директна поддршка на малите и средни компании и средно пазарнокапитализирани компании. Преку заемот, се поддржуваат домашни компании од трудоинтензивните дејности како производство, туризам и услуги, за брзо закрепнување од КОВИД-19 кризата. Заемот од ЕИБ ќе им помогне на компаниите да обезбедат континуитет на деловните процеси и задржување на работните места, а истовремено да ја зголемат својата продуктивност и да ги прошират деловните активности, информираат од Развојната банка.