„Преекспонирано“ на светска премиера во Каиро: Голем интерес за дебитантскиот филм на Венинова


еселинов, Венинова, Тоциновски и Кралевски на синоќешната премиера во Каиро

„Преекспонирано“, дебитантскиот игран филм на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова, синоќа имаше светска премиера на 44. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Филмот игра во официјална селекција меѓу 15 наслови за наградата Златна пирамида, на фестивалот кој спаѓа во А-категорија. Годинава жирито го води реномираната јапонска режисерка Наоми Кавасе.

 

„Одлична премиера на ‘Преекспонирано’ на Интернационалниот фестивал во Каиро проследена со прашања од публиката. Заради големиот интерес, режисерката, актерите и продуцентот на филмот одговараа на многубројните прашања од публиката дури и по завршувањето на официјалниот дел“, велат од продукцијата „ДНФ филмс“.

 

Венинова и Тоциновски на разговор со публиката по премиерата. (Фото: КИФФ)

Венинова работела десет години на филмот, кој се снимаше во вонредни услови во време на пандемијата на ковид-19. Таа го дефинира филмот како психолошка драма, која делумно е инспирирана од вистински настани. Во главни улоги се Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска, двете актерки кои соработуваа и во последните два филма на Милчо Манчевски, „Врба“ и „Кајмак“.

Тоциновски и Веселинов на разговор со публиката по премиерата. (Фото: КИФФ)

Во фокусот е брачна двојка која престојува во својата викенд-куќа во Охрид и нивните мир и брачна идила се нарушени од доаѓањето на една тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Нејзините емоции, присуство и тинејџерски проблеми ќе ги натераат да го преиспитаат својот брачен живот.

Продуцент на филмот е Гоце Кралевски. Директор на фотографија е Лев Предан Коварски од Словенија, композиторка на оригинална музика е Линдзи Рајт од Велика Британија, сценограф е Срѓан Митровиќ од Србија, а костимографка е Жаклина Крстевска. Покрај Агенцијата за филм на Северна Македонија, филмот беше поддржан и од Филмскиот институт на Србија и европскиот фонд Еуримаж. Во македонските кина ќе игра напролет.