Предвреме повлечен бугарскиот генерален конзул во Битола
Николај Димитров си заминува во Софија, а на негово место доаѓа заменик-амбасадорот на Бугарија, Петар Петров
БИТОЛА – Петар Петров е назначен за генерален конзул на Бугарија во Генералниот конзулат Битола, објавија бугарските медиуми. Петров е досегашен заменик- амбасадор на Бугарија во Скопје и речиси пет години е на служба во Македонија. Ова значи дека од функцијата генереален конзул предвреме си заминува досегашниот Николај Димитров.
„Независен“ од свои извори дознава дека речиси една и пол година предвреме од функцијата генерален конзул во Битола, владата на Бугарија го повлекува Николај Димитров. Причините за повлекувањето не се познати во јавноста. Димитров во конзулатот во Битола дојде во април 2023 година, во еден период на превирања откако една година претходно (во април 2022) беше отворен бугарскиот културен клуб во Битола „Иван Михајлов“.
Димитров во овој изминат период беше присутен на настаните кои ја одбележуваат конзулската традиција во Битола. Последно, минатиот месец, беше гостин на отворањето на почесниот конзулат на Австрија во Битола. Меѓутоа впечатокот на јавноста беше дека Димитров не беше близок до членовите на клубот „Иван Михајлов“. За време на судењето на македонскиот Бугарин Љупчо Георгиевски, екс-претседател на згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ Битола, во Основниот суд во Битола, генералниот конзул Димитров се појави само на последното рочиште кога беа кажани завршните зборови и кога пред судот како поддршка дојде и амабасадорот на Бугарија Жељаско Радуков.
Во 2024 година по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, конзулот Никоја Димитров присуствуваше на приредбата во бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ и покрај тоа што уште пред една година овој клуб беше избришан од Централниот регистер.
За времето на конзулствувањето на Димитров во Битола, лани во февруари се отвори уште еден бугарски клуб, „Балкански мост“.
Новиот генерален козул Петар Петров е дипломат од кариера со долгогодишно искуство и експертиза во регионот на Западен Балкан, последователно извршувајќи разни позиции во Министерството за надворешни работи и бугарските дипломатски мисии.
Генералниот конзулат во Битола обезбедува конзуларни услуги за бугарските граѓани, одржува контакти со локалните власти и работи на развој на билатералните односи, поддршка на бугарската заедница и зачувување на бугарското културно и историско наследство. (А.Б.)