Договорот за тунелот кон Бугарија помина во собраниската комисија


Фамозниот тунел што треба да го градиме со Бугарија

 

Собраниската комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го прифати предлогот на закон за ратификација на Договорот меѓу двладите на Македонија и Бугарија во врска со изградбата на меѓуграничниот железнички тунел и го достави предложеното законско решение на усвојување на Собранието.

Според Крум Ефремов, директор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се работи за договор со кој се уредуваат техничките, финансиските и организациските прашања поврзани со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел во насока на поврзување на двете држави.

„Изградбата на оваа инфраструктура, која е предмет на договорот, треба да ги исполнува и барањата на ЕУ и НАТО за ваков вид на инфраструктура, особено во однос на стандардите и техничките спецификации на трансевропската транспортна мрежа. Овој договор, исто така, ќе создаде и позитивни политички и економски предуслови за трговска и индустриска поголема соработка на Бугарија и нашата земја, со цел изградба, но и оперативно функционирање и на граничниот премин и на активностите во делот на одржување на овој тунел“, истакна Ефремов.

Додаде дека со ратификацијата на овој договор се овозможува почеток и спроведување на оваа активност.

Тунелот на Деве Баир е долг 2.400 метри, а двете држави треба да изградат по половина од него.

Пратеникот Антонио Милошоски го поздрави постигнувањето на овој договор и се заблагодари за пријателскиот ангажман во посредување за постигнувањето на овој договор на претставници на Франција, кои вложиле несебичен напор да биде постигнат овој договор.