Предизвиците во надминување на затворската пренатрупаност – дискусија во Скопје
Македонското здружение на млади правници и Македонското пенолошко друштво деенска организираат настан на тема „Условен отпуст, електронски надзор и третманот во функција на успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица“.
– На настанот ќе присуствуваат директорот на Управата за извршување санкции, судии, професори по кривично право, претставници на Управата за извршување на санкции, пробациската канцеларија, директори на казнено-поправни установи и на невладиниот сектор, се наведува во соопштението.
Како што е најавено, на настанот ќе се даде преглед на моменталната состојба во казнено-поправните установи „во врска со кратките казни, условните осуди, институтот на условен отпуст, употребата на електронските алки“. Воедно, се додава во соопштението, ќе биде презентиран и документ за јавни политики, што ќе се осврне на работата како облик на третман во насока на остварување успешна ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, по што ќе следува дискусија.
Препораките од настанот ќе бидат искористени во насока на изнаоѓање решенија за справување со пренатрупаноста преку почеста употреба на овие алатки.