Пред да заврне вистински дожд отворена изложбата „И потоа врнеше во длабоката фантазија“ во Чифте амам
Пред да настапи вистинскиот дожд, меѓународната изложба „Poi piovve dentro a l’alta fantasia“ или „И потоа врнеше во длабоката фантазија“ синоќа беше отворена во Чифте амам, во рамките на 45. издание на Скопско лето. Куратор на изложбата е Ана Франговска.
„И потоа врнеше во длабоката фантазија“ претставува мултимедијален уметнички дијалог меѓу Bardh-I Rafet Jonuzi-T уметник од Прешево кој живее и работи во Австрија и негови пријатели уметници: Мариа Анвандер и Готфрид Бегтолд од Австрија, Сорен Далгард од Данска, Саша Буквиќ, „Звоно“ од БиХ, Худа Такрити од Сирија и Австрија, Теута Јонузи од Словачка и Австрија, Михаел Кос од Австрија, Марек Кветан од Словачка, Арјета Мала од Косово и Холандија, Кристин Венцел од Германија и Романија и Славица Јанеслиева и Игор Сековски од Македонија.
– Изложбата создаде платформа каде уметноста ги надминува границите, поканувајќи нè во светот на висока фантазија и длабока имагинација. Честа да ги претставиме делата од талентираната и разновидна група уметници, секој со својата единствена перспектива и глас, е на наше особено задоволство, рече на отворањето директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
Таа потенцираше дека изложбата немаше да биде возможна без напорната работа и посветеноста на многу поединци, како што е Австриската амбасада, Гете институтот, Кунстхале Австрија, Австриското министерство за култура и спорт, „Скопско лето“.
Амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер на отворањето ја поздрави и охрабри работата на Националната галерија во исполнување на мисијата уметноста да биде достапна до секого, во овој случај, до уметници од Австрија или уметници кои живеат и работат во својата татковина.
На самиот крај, кураторот Ана Франговска ја поздрави публиката и ја покани на предизвик, дијалог во живо со присутните уметици: Славица Јанешлиева и Игор Сековски од Северна Македонија, Мариа Анвандер и Мајкл Кос од Австрија, Арјета Мала по потекло од Косово која живее и работи во Холадија, младата Теута Јонузи како претставник на два региони, Словачка и Австрија, секако и Рафет Јонузи, претставник на едно широко географско уметничко и животно битисување.
Изложбата ќе може да се посети до 26 јули 2024.