Пред бројни гости свечено се отвори „Букстар“, врачена наградата на Блаже Миневски


Наградата за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот „Букстар“ синоќа му беше врачена на Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025), за време на свеченото отворање на единаесетотто издание на фестивалот на европска литература во преполната сала на Културно-информативниот центар во Скопје.

– Секоја награда е признание за добитникот, а сите добитници се биографија на наградата. Какви се добитниците, таква е наградата. Постојат награди што не ги заслужуваат добитниците, постојат добитници што не ја заслужуваат наградата, но постојат и награди и добитници што целосно се заслужуваат меѓусебе. Останува да се надевам дека наградата што вечерва ја добивам спаѓа во последниве…Чест ми е како македонски автор да се застане пред овој пандан на европската книжевност и да се добие ова единствено големо признание – рече пред бројната публика Блаже Миневски.

За делото на Миневски обраќање имаше универзитетската професорка Весна Мојсова -Чепишевска, која ја истакна важноста на овој македонски автор, но и важноста на македонската литература воопшто.

– Дистинкција меѓу револуционерната и културната работа Мисирков ја доразвива и преку спротивставените метафорички слики на здравата градба и убавиот темел кои ѝ го покажуваат патот на идната македонска литература. Во тој контекст Мисирков напиша: „Културното работење е помачно од револуционерното, зашто првото е умствено, а второт повеќе физичко…Револуционерната дејност е привремена и разрушувачка, а не вечна, соѕидувачка. А културниот човек, за да има право да се наречува таков, треба да гради, а не да руши. За да биде градбата здрава треба темелот да ѝ биде убав.“. А твоите раскази се едни од најубавите камчиња вградени во темелот на современата македонска книжевност. Токму затоа е и ова издание што го подготви издавачката куќа „Антолог“. И токму затоа Блаже Миневски е првиот македонски автор кој ја понесува главната наградата на „Букстар“ –  рече Весна Мојсова-Чепишевска.

Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).

Фестивалот за официјално отворен го прогласи Калина Малеска, која не само што е актуелна добитничка на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ туку неретко се вклучува во јавни дебати за теми кои нè тангираат сите.

– Што треба да направиме во иднина? Ни претстои уште многу, особено во областа на воспоставување политики на култура, обнова на културната инфраструктура, поддршка за независни проекти, поддршка на пласман на нашата литература во други национални и културни средини, културна едукација во училиштата. Би било одлично во иднина – што би рекол Мисирков, за однапред – да си отвориме многу прилики за да дискутираме за конкретни чекори и детали. Да поттикнеме и направиме промени што ќе бидат убава придобивка која понатаму ќе ги проширува хоризонтите на македонската книжевност. Зашто, да го парафразирам Мисирков, ставајќи го истовремено во поинаков контекст, имало и има такви писатели „што покажаа способност“ за „градење“ и поместување на границите, и ќе има писатели што „со подеднаков, па и поголем успех“ ќе ги поместуваат и во иднина – истакна Малеска.

Свое обраќање имаше и основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски, кој посочи колку е важно да се одржуваат книжевни фестивали, посебно кога се среќаваат македонската и европската книжевна сцена.

– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид, туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот кој може да го обликува, не само животот на авторот, туку и целото општество. „Букстар“ веќе единаесет години ја создава својата сопствена мапа на културни дијалози преку кои повикуваме на промена. Започнавме како прв фестивал на европската литература, а денес сме препознаени како место каде што домашната и европската книжевност се среќаваат, се надополнуваат, разменуваат и отвораат прашања кои се еднакво локални и универзални. Нашата цел секогаш била и останува иста: да ја разбудиме љубопитноста, да ја засилиме критичката мисла и да го задржиме интересот за читање, особено кај помладата публика – рече Кујунџиски.

Пред бројната публика во Културно-информативниот центар се одржа и разговор со авторките Петра Клабоухова (Чешка) и Серај Шахинер (Турција). Писателките ги отворија најчувствителните, но и најважните прашања на денешнината: положбата на жената во општествата обележани со политички репресии, замолчување, класни неправди и насилство.

Вљубениците во книжевноста беа сведоци и на еден многу продуктивен и духовит разговор со авторите Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Оливера Ќорвезироска.

Тие дебатираа на темата што значи да се биде „класик“ во македонската книжевност, дали такви имиња навистина постојат, кои се тие и според кои критериуми ги препознаваме. Се говореше и за третманот на писателите кои веќе се сметаат за класици, но и за оние кои би можеле да станат дел од таа категорија во иднина, дали нивните дела се доволно присутни во јавноста, колку се застапени во образовните програми и што тоа значи за идните генерации читатели.

Вечерва, за време на втората фестивалска вечер, публиката ќе има можност да го чуе разговорот со авторите Калина Малеска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова и Иван Антоновски на тема „Шчо напраивме и шчо требит да праиме за однапред?“. Разговорот ќе се одржи во Сала Империјал 2 во Културно-информативниот центар, во 18 часот.

„Приказна на граница меѓу различни светови“ е вториот книжевен разговор, кој ќе се одвива меѓу авторите Шоле Резазаде (Холандија/Иран) и Анджеј Штиндл (Чешка), на истата локација со почеток во 20:30 часот.

За време на фестивалски денови ќе се одржат бројни настани, поткасти, разговори, средби со млади читатели, потпишување книги.

Фестивалот „BookStar“ 2025, кој ќе трае до 2 октомври, е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар.