Правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година: Ќе воведеме српски или словенечки систем?
Вклучување на сите засегнати страни во дијалогот и пронаоѓање оптимален баланс меѓу потребата да се намали бирократијата и потребата да засилат контролите на местата каде има ризик од можни злоупотреби на боледувањата и примена на искуства од други земји, е целта на работилницата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“, што се одржува денеска во Владата, а која ја организираат Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со подршка на Светската здравствена организација.
Ова го истакна министерот за здравство Сашо Клековски, кој рече дека целта на дискусијата е како да се намали административниот товар. Потребно е, појасни тој, да се воспостави баланс меѓу олеснет полесен пристап и помал административен товар, а од друга страна, зголемена контрола на местата каде има ризик. Според него, преку разгледување на компаративните искуства, ќе ги отворат сите прашања што се појавиле при спроведувањето на натамошните промени.
– Ги презентиравме првпат податоците интегрирани од „Мој термин“ за кратките боледувања до 30 дена, како и за долгите боледувања над 30 дена. Податоците од „Мој термин“ покажуваат дека во 2025 година има 33 отсто зголемување на боледувањата до 30 дена споредено со 2021 година. Да потсетам дека 2021 беше година на Ковид, кога имавме значителен број боледувања. Денес бележиме дополнително зголемување од 33 отсто, односно повеќе од 300.000 боледувања во текот на 2025 година. Бројот на корисници на боледување не е значително променет. Ако имаме 33 проценти зголемување на боледување имаме шест проценти зголемување на корисници на боледување односно од 1,8 на 2,3 е зголемен бројот на просечно боледување по осигуреник или по пациент, рече Клековски.
Во боледувањата, посочи министерот, доминираат две главни дијагнози – првата се респираторните инфекции на горните дишни патишта, а втората е гастроентеритисот, за кој во последната година се евидентирани повеќе од 10.000 боледувања. Појасни дека во однос на долгите боледувања, иако нивниот број останува релативно стабилен – околу 25.000 годишно – има значително зголемување на средствата што се исплаќаат за нив.
– Исплатениот износ е повеќекратно зголемен и тоа беше знак дека е потребно да отвориме дискусија од повеќе страни. Правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година. Поминаа 14 години, што е доволно време да се разгледаат боледувањата. Иако номинално боледувањата се во сектор здравство, основен носител е Фондот за здравствено осигурување и „МојТермин“ на оваа работилница сакавме да излеземе надвор од таа рамка и посеопфатна слика да погледнеме. Целта на дискусијата е како да се намали административниот товар. Не сакаме да предизвикуваме нов товар и врз пациентите и врз здравствените работници и истовремено да се засилат контролите на местата каде што постои ризик и на можни злоупотреби, истакна Клековски.
Тој рече дека Светската здравствена организација ги презентирала искуствата од Европа, биле презентирани искуствата од Србија и Словенија како два компарабилни системи, а повеќето земји од поранешна Југославија имале слични критериуми во оваа област.
– Во Србија е воведена значајна иновација. Од 1 јануари функционира системот „Е-боледување“, каде на едно место се податоците за кратките боледувања од Фондот за здравствено осигурување и тоа е достапно на електронските услуги видливо и за граѓаните и за работодавачите, кои добиваат информации за отсуствата на своите вработени. Нив модулот им овозможува и конекција со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како следен чекор, бидејќи преминот меѓу двата фонда е критичен, рече Клековски.
Посочи дека словенечкиот модул стартувал во декември 2025 година и дека Словенците не менувале ништо во критериумите, кои се многу слични на нашите.
– Воведоа новина наречена „режим на движење“ со кој е воведена забрана лицето кое е на боледување да работи друга работа и да остварува приходи врз основа на таа друга работа и заедно со решението за боледување се утврдува што осигуреникот смее, а што не смее да прави, вклучувајќи и забрана за напуштање на државата. Во Словенија новиот режим предвидува сите корисници на боледување да можат да ја напуштат државата само од медицински причини, со претходно одобрение од словенечкиот Фонд за здравствено осигурување. Словенија воведе и уште еден чекор што кај нас не постои – во случај на утврдени злоупотреби се врши враќање на исплатениот надоместок, без разлика дали е исплатен од работодавачот или од Фондот, истакна Клековски.
Потенцира дека на работилницата учествуваат партнерите во економско-социјалниот дијалог – Министерството за економија и труд, синдикатите, работодавачите и стопанските комори, претставници на Државниот инспекторат за труд, Министерството за социјална политика, бидејќи, како што појасни, по долгите боледувања често следуваат социјални мерки, како што е остварувањето право на инвалидска пензија, и тоа е еден од проблематичните периоди. Додаде дека присутни се и претставници на Министерството за дигитална трансформација, поради потребата од дигитализација на процесите, како и претставници на здруженијата на пациенти и здруженијата на лекари, кои имаат клучна улога во спроведувањето на овие постапки.