Пратениците сега трошат и за патарини, и за кирии

Фото: Б. Грданоски

Сакајќи да стават крај на критиките од јавноста дека земаат прилично големи суми за патни трошоци двете пратенички од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска и Лилјана Затуроска западнаа во нова неволја – сега не како друмски антихерои, туку како кираџики. Пратеничките од Прилеп и Битола ја искористиле ланската одлука на Собранието да изнајмат стан во висина од најмногу 400 евра, со тоа што ќе можат да патуваат само за време на викенди и празници. Ваквото право во моментов го користат вкупно 14 пратеници, но она што ја „заскокотка“ јавноста е информацијата дека двете пратенички ги изнајмиле становите од ист газда – сестра на снаата на Лашкоска. Едниот стан е во зграда во населбата Аеродром, а другиот во Кисела Вода. И двете велат дека живеат во становите, иако новинари при проверка на станот во Аеродром ја затекнале газдарицата, кој им рекла дека е на гости, но не и Лашкоска. Нејзината колешка Затуроска во изјава за „Независен весник“ тврди дека моментно живее во станот во Кисела Вода.

„Не можев да најдам соодветен стан што ми одговара. Временскиот период беше кус и требаше брзо да се реагира, затоа што не сакав да патувам. Не сакав повеќе да бидам изложена на критики од јавноста дека земам којзнае колку пари за патарини. Станот го плаќам 400 евра, а на таа сума сама си плаќам данок“, вели Затуроска. Признава дека има стан во Скопје од околу 40-ина квадрати за кој сè уште отплаќала кредит.

„Во него живеат синот и снаата. Мислам дека се создава погрешен впечаток во јавноста дека наспроти општата сиромаштија пратениците пливаат во лој. Јавноста треба да знае дека, на пример, сите теренски активности, вклучувајќи ги и средбите со граѓаните, паѓаат на товар на пратеникот. Ние тоа си го плаќаме од сопствен џеб. Немаме службени возила ниту личен шофер, ги користиме своите автомобили. Никој не зборува за амортизацијата, за ризиците при патувањата, колку пати само се случило да нè завее снег на патот“, вели Затуроска, која тврди дека народните избраници не го добиваат ниту предвидениот надоместок за одвоен живот од семејството кој изнесува до 30 отсто од просечната нето-месечна плата по работник исплатена во земјава во претходните три месеци.

„Не одете предалеку. Еве, направете една компаративна анализа со стандардот и привилегиите на пратениците во косовскиот парламент и сликата ќе ви биде многу појасна. Дури не мора ниту тоа да го направите. Само погледнете на кое ниво се пратениците во македонскиот парламент во однос на привилегиите на министрите кои, патем, ги избира Собранието, како и директорите на јавните претпријатија“, посочува таа.

Минатата година по серијата критики од јавноста за „азното со патарини“ (лани за патни трошоци биле исплатени половина милион евра) без дебата со 79 гласа „за“ и еден „воздржан“, пратениците ги изгласаа измените на Законот за пратеници со кои место 30 отсто, пратениците земаат 20 отсто од цената на литар гориво за секој изминат километар, а оние кои живеат подалеку од 100 километри ќе можат да земат и стан под кирија на трошок на државата. Но тие промени не донесоа којзнае колку поплитки пратенички џебови, ако се знае дека за само шест месеци одредени пратеници правеа патни трошоци од над 10 илјади евра. Во таа листа на топ 20 пратеници рекордер беше пратеничката на СДСМ, Бети Рабаџиеска-Наумовска, која за шест месеци знаеше да „лапне“ и по 11 илјади евра. Мира Стојчевска од СДСМ, која исто така високо котираше, земаше по 10 илјади евра, исто толку и Алија Камбероски од партијата ПЕИ…

Неодамна истражувањето на „Инбокс 7“ покажа дека моментно 14 пратеници го користат правото за кирија. Дванаесет од нив користат двојни привилегии – покрај тоа што земале пари за патни трошоци, од државата наплатувале и кирија за станови кои ги користеле во замена за тоа да не патуваат до родниот град. Најзвучни имиња на таа листа се Александар Кирацовски од СДСМ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. На Кирацовски, кој до неодамна беше и генерален секретар на СДСМ, државата во изминатава година му плаќала кирија од 390 евра, а тој во последните четири месеци од 2018 година додека престојувал во стан во Скопје, на име на патни трошоци, добил нешто повеќе од 1.000 евра.

На неговиот политички опонент, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, државата му плаќа нешто помалку за кирија, односно 370 евра, но и тој зел сума од дваесетина илјади денари на име на патни трошоци. Само двајца од 14 пратеници, велешанецот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и стружанецот Рубин Земон од Партијата за општествен и економски напредок, користат само кирија, но не и патни трошоци. Дел од познавачите велат дека недозволиво е да се користат двојни привилегии. Други, пак, велат дека тоа до одреден степен им го дозволува законот.

„Пратениците имаат право еднаш неделно да користат патни трошоци. Да речеме, за викенд да си заминат во местото од каде што доаѓаат, па да се вратат в понеделник на работа. Но, недозволиво е доколку постои таква практика секојдневно да користат патни трошоци, а кирија за стан да им плаќа државата. Дел од моите студенти, да речеме, изнајмуваат соба за 50 евра. Велат дека солиден стан во Скопје се наоѓа и за 150 до 200 евра. Оние од 400 евра веќе преминуваат во луксуз. На пратениците не им се потребни таков тип луксузни станови“, вели за „Независен весник“ професорот Борче Давитковски. Тој нагласува дека Собранието нема истражна служба за да открие кој и како манипулира со кириите, дали ги дава во џебот на некој свој роднина, а притоа можеби ни на слика не ја видел зградата каде што се наоѓа станот во кој кажал дека живее.

„Неретко во минатото се случуваше синовите или ќерките на пратениците од внатрешноста да студираат во Скопје и да живеат во становите за кои нивните родители земаа кирија од државата. Таквото поведение веќе поминува во сферата на етиката и моралот каде очигледно имаме голем проблем. Тоа донекаде би требало да се регулира со кодекс. Да речеме во Англија, кодексот има 300-400 страници и тука буквално сè е наведено – од тоа кој каде и кога може да патува, во каков хотел да спие, какви подароци може да прими или даде, колку може да потроши… но тоа е традиција стара 200-300 години“, вели Давитковски. Реагираше и собранискиот спикер Талат Џафери.

„Ако веќе констатирате дека има злоупотреба, не би требало да го имате овој разговор со мене. Секој што има дилема дека во нешто има злоупотреби, има соодветна институција која треба тоа да го потврди. Има Државен завод за ревизија, има Антикорупциска комисија, има Јавно обвинителство. Ако постои сомнение за некого, треба да се посочи конкретно со име, не може да се зборува за општа пракса на злоупотреба“, вели Џафери.

Тој додава дека според законот определен број пратеници се изјасниле да користат стан во вредност на она што е пропишано со одлука на соодветна надлежна комисија во Собранието.

„Во таа одлука пратеникот кој седи овде, на крајот на неделата кога ќе оди дома во еден правец му следи патен трошок. И на почетокот на следната недела кога ќе се врати во станот му следува патен трошок за враќање, значи за четири недели, четири дена. Констатацијата дека тоа е злоупотреба е дека сега покрај станот си користи и патни трошоци. Не користат патни трошоци за секое потпишување, за секое присуство на седница, затоа што имаат соодветен договор, регулиран со внатрешните процедури, низ која постапка и процедура го користат правото на стан“, вели Џафери.

Но јавноста е сè посензитивна околу привилегиите на функционерите. Од невладината организација „Цивил“ покренаа петиција за укинување или драстично намалување на привилегиите. Недостигаат уште околу 50 потписи, по што ќе се затвори петицијата и ќе се продолжи со следните активности. Од „Цивил“, меѓу другото, бараат: укинување на апанажите на кое било ниво за која било позиција, укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век, укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена, драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз. (Н.К.)